Новогодишна/Божиќна честитка/Фото: PickPik

Предупредувачки знак за деменција може да се појави во „празничните честитки“: Не игнорирајте го!

Експертите предупредуваат за еден помалку познат знак на деменција кој може да се воочи токму во празничните пораки од нашите најмили.

Се проценува дека околу еден милион луѓе во Велика Британија живеат со деменција, но повеќе од една третина од нив немаат официјална дијагноза, пишува британски „Експрес“.

Негувателот Мајкл Беркли-Блезард, од Домот за стари и немоќни лица „Олд Сарум Манор“, истакнува дека промените во ракописот можат да бидат ран индикатор за деменција.

„Појавата на проблеми со читањето и пишувањето кај лице што претходно немало такви тешкотии често е индикатор за деменција. Ова може да се забележи, на пример, преку промена во ракописот на празничните честитки“, објаснил тој.

Иако најчестите знаци на деменција се заборавање имиња и лица, губење на познати места или заборавање каде се наоѓаат одредени работи, Беркли-Блезард посочува на четири други, помалку очигледни симптоми за кои треба да се посети лекар.

Промени во сетилата

Ако личноста престане да ужива во храната што некогаш ја сакала, ова може да биде предупредувачки знак.

„Проблемите со сетилата секогаш не се препознаваат како симптоми на деменција и, како резултат на тоа, честопати не се пријавуваат како такви. Овие проблеми може да вклучуваат зголемена чувствителност на бучава, промени во сетилото за мирис, како и промени во сетилото за вкус, што може да доведе до тоа некој повеќе да не ужива во храната што порано ја сакал“, објаснил експертот.

Тешкотии со движењето и ориентацијата

Кога некој ги влече нозете при одење, се сопнува и паѓа почесто, ова исто така може да биде знак на деменција. Покрај тоа, често се појавува лоша просторна ориентација и тешка перцепција на длабочина.

Проблеми со пронаоѓањето зборови

Тешкотиите при наоѓање на вистинскиот збор се уште еден симптом што може да укажува на проблем. Беркли-Блезард рекол:

„Ова може да изгледа како пелтечење при обид да се изговори реченица, запирање среде реченицата или мешање слични зборови, како што е изговарањето на зборот џемпер кога лицето мисли палто. Ова е познато како афазија и може да влијае на имињата, а не само на општите именки.“

Губење на чувството за време

Последниот помалку познат симптом што тој го посочил е губење на чувството за време и често доцнење на договорените обврски. Тоа може да биде поврзано со губењето на меморијата или со новонастанатата неможност за читање на времето од аналогниот часовник.

Што да направите ако ги забележите овие симптоми?

„Ако почнете да забележувате кој било од овие знаци кај вашите најблиски, обидете се да разговарате со нив за тоа што сте забележале и предложете закажување лекарски преглед за да разговарате за симптомите. Ова ќе ви помогне и вам и на вашиот близок да се организирате“, советува Беркли-Блезард.

Тој додава дека е добро време да се започне разговор за достапните опции за нега во тој момент.

„Како што симптомите на вашата саканата личност се влошуваат, дом за стари и немоќни лица може да биде во можност да ја обезбеди поддршката и грижата што им се потребни“, заклучил тој.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот