Предновогодишно интервју со пејачот Димитар Андоновски: Во 2025 ги оставам сомнежите и луѓето што не веруваа во мене
„Одлуката да бидам целосно искрен и посветен во мојата музика и во проектите на кои работев оваа година, ми донесе нова енергија и нова слобода и како автор и како човек.“
Новогодишната магија за пејачот Димитар Андоновски не се мери со светилки и гламур, туку со спокојот во душата, искреноста кон себе и топлината на семејството. Зад него е година на важни лични и уметнички одлуки, година во која, како што вели, конечно се слушнал себеси и без компромиси ѝ се посветил на музиката што ја чувствува.
Препорачано
Во празнично расположение за „Слободен печат“, Димитар зборува за традициите од детството, најголемите лекции од 2025 година, инспирацијата што го води, желбите за 2026 и како ќе ја пречека Новата година.
На која традиција од детството секогаш се сеќаваш кога ќе почне новогодишната магија?
– Најмногу се потсетувам на Божиќ и на Бадник – шетањето со пештерата низ маалото и пеењето коледарски песни. Тоа беа моменти исполнети со чиста радост и искрена детска среќа. Секако, тука е и новогодишната магија што започнуваше уште околу Св. Никола, со украсувањето на елката и чувството дека доаѓа нешто убаво. Најсилен впечаток ми останала таа топла, семејна енергија – кога сите сме дома заедно, насмеани и празнично расположени.
Која е најважната лекција што ја научи во 2025 година?
– Дека мирот со себе е најголем успех. Научив дека не мораш на сè да одговараш, ниту секој да го убедуваш во твојата вистина. Кога си чесен со себе и со тоа што го создаваш, работите сами си го наоѓаат патот.

Кој момент од годината би го издвоил како најголем успех или пресвртница и зошто?
– Моментот кога одлучив да бидам целосно искрен и посветен во мојата музика и во проектите на кои работев оваа година, без компромиси. Таа одлука ми донесе нова енергија и нова слобода – и како автор, и како човек. Понекогаш најголемиот успех е кога конечно ќе се слушнеш себеси.
Што би сакал да оставиш зад себе во 2025, а што дефинитивно го носиш со себе во 2026 година?
– Ги оставам сомнежите и луѓето што не веруваа во мене, а со себе ги носам дисциплината, трпението и љубовта кон создавањето. Тие три работи ми се најсилниот капитал.

Што те инспирираше најмногу годинава?
– Искрените луѓе, вистинските приказни и многу преслушана нова музика што постојано ми отвораше нови креативни видици. Преку различни звуци, жанрови и идеи, инспирацијата природно се претвораше во авторски израз. Но мојата најголема и константна инспирација е семејството, мојата сопруга и моите синови. Тие не ме инспирираат само за музика, туку за сè во животот и ми се најсилната мотивација да бидам подобар човек и уметник.
Која желба за 2026 година ќе ја спакуваш под елка и би сакал да биде твојот новогодишен подарок?
– Здравје и мир, тоа се темелите за сè. Би сакал луѓето повеќе да се обединат, да се сакаат и да се почитуваат меѓусебно. А на уметнички план, сакам 2026 да биде година на македонската песна, година на длабоки песни, вистински сцени и публика што слуша со срце.

И за крај, дали со твоето семејство го украси домот и каде ќе ја дочекаш Новата година?
– Да, домот е веќе накитен со мера и вкус. Новата година ќе ја дочекам работно како и секоја година. Одморот ќе дојде веднаш по празниците.


