Пред да се појави видеото, жена го пријавила д-р Игор Кузмановски од Неврологија дека ѝ праќал заканувачки пораки
Неколку денови пред да биде објавено компромитирачкото видео на коешто се гледа како докторот од Клиниката за неврологија Игор Кузмановски меша бела прашкаста супстанција и зборува за квалитетот на „белото“, во полициска станица Карпош во Скопје, 54-годишна жена пријавила дека од септември тој ѝ упатувал заканувачки пораки по телефон. Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ потврди дека пријавата е примена и најави поднесок.
Препорачано
„На 4 октомври 2025 година во 20 часот, во СВР Скопје 54-годишна жена пријавила дека од месец септември И.К. од Скопје ѝ упатувал заканувачки пораки по телефон. Со него е извршен службен разговор во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“, велат од МВР за „Слободен печат“.
Доктор Игор Кузмановски остана директор на Клиниката за неврологија само два часа по објавувањето на компромитирачкото видео, после што беше разрешен. Наредните денови беше обелоденето и дека немал важечка специјалистичка лиценца од Лекарската комора од 15 март годинава па сè до минатата недела кога побарал нејзино продолжување. Министерството за здравство формираше комисии за испитување на неговата работа, а две комисии оформи и Клиниката за неврологија. Лекарската комора најави дека ќе ја разгледа неговата работа во склоп на својата етичка комисија.
Етичкиот кодекс на лекарите во членот 62 пропишува етичко начело за професионалниот лик на лекарот. Во овој член се споменува и професионалниот и приватниот живот на лекарот.
„Лекарот во професионалниот и во приватниот живот ги негува и ги покажува личните квалитети, соодветни на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Лекарот е свесен дека за секој несоодветен, лекомислен, нечесен и понижувачки акт ги компромитира сите други колеги“, пишува во етичкиот кодекс на лекарите.
Првичните наоди како што потврдија вчера од Министерството за здравство, се дека од 15 март 2025 кога му истекла лиценцата за работа, па сè до 8 август 2025 година кога беше именуван за директор на Клиниката за неврологија, Кузмановски прегледувал пациенти на Клиниката за неврологија. За тоа Државниот здравствен и санитарен инспекторат му најави глоба од 500 евра откако инспекциите ги разгледале реализираните активности во системот „Мој термин“. Стручна комисија на Клиниката за неврологија допрва ќе испитува дали Фондот за здравство пак, му издал факсимил за работа сè до 2028 година. За меѓупериодот кога Кузмановски немал лиценца од ФЗОМ се оправдаа дека должност на Клиниката за неврологија била да се грижи за валидноста и за законитоста на работните односи на Универзитетската клиника.
Според актуелната постапка за издавање одобрение за факсимил, која се применува при склучување договори со јавни и приватни здравствени установи, неопходно е да се достави барање од самата установа, придружено со важечка лиценца за работа издадена од соодветната комора и заверена на нотар, велат од ФЗОМ. Со оваа процедура, Фондот го утврдува правото на издавање факсимил во согласност со законските прописи и достапната документација.
Фондот на 15.11.2024 година се обрати до Комората за електронско поврзување за преземање на сите активни лиценци, со цел превенција од незаконско работење и фалсификување на лиценци. До ден денешен, Лекарската комора не одговори на барањето. ФЗОРСМ останува доследен во примената на законските прописи, во секое време подготвен за соработка и транспарентна комуникација со медиумите и јавноста, наведоа од ФЗОМ во соопштението.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат вчера соопшти дека при инспекцискиот надзор на Клиниката за неврологија што го спровеле, констатирале и друга незаконитост која се однесува на работата на јавно-здравствената установа. ДСЗИ констатирале дека специјалистичките извештаи после извршените прегледи кај докторите на Неврологија биле оверувани не од доктор туку од страна на административните работници на пултот, што не е во согласност со член 13 од Законот за евиденциите во областа на здравството.
За работата на Кузмановски без лиценца, ДСЗИ најавија дека ќе го казнат со глоба од 500 евра.
Министерот за здравство Азир Алиу се заложи дека во рамките на работните групи за синхронизација на 12-те здравствени закони, една од можностите коишто ќе се разгледаат е и воведување на токсиколошки тестирања за вработените во здравството, по случајот со доктор Игор Кузмановски. Тој додаде дека правниците ќе разгледаат како може да се имплементираат такви тестирања, а можно е да бидат воведени и последици за прекршувањата.
Премиерот Христијан Мицкоски за случајот изјави:
„Тоа што се случи, се случи. Не треба да се враќаме назад. Инаку кога ќе ја гледате биографијата на професорот и мој колега ќе дојдете до заклучок дека станува збор за импозантна биографија којашто многу ретко ја има генерално на Балканот. Тоа што моменти на слабост имал директорот поранешен, претпоставувам него ќе го следи во текот на неговиот живот. И тоа е негова приватна работа, немам што да кажам. Како влада го направивме тоа што требаше и веднаш реагиравме откако оној нелегален материјал се појави на социјалните медиуми“, рече Мицкоски.


