Пред 23 години нè напушти Александар Сариевски, легендата на македонска народна музика
На денешен ден пред 23 години нè напушти Александар Сариевски, еден од најголемите македонски пејачи на македонска народна музика и композитор на новосоздадени фолклорни песни.
Препорачано
Роден на 20 јуни 1922 во Галичник, детството го поминал во родното село, а средно училиште го завршил во Скопје. Уште многу млад почнал да свири хармоника, а на 24 години во Македонското радио ја снимил песната „А бре невесто око калешо“, која го означила почетокот на неговата богата музичка кариера.
Низ годините Сариевски ги извел познатите „Јовано, Јованке“, „Море сокол пие“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Дејгиди луди млади години“, „Абер дојде, Донке“, „Зајко кукурајко“, а се потпишал како композитор и текстописец на легендарната песна „Зајди, зајди, јасно сонце“.
Тој компонирал околу 400 песни, во кој ги опеал родниот Галичник, невозвратената љубов, печалбарството, а познат е и по многуте хумористични песни. Неговиот музички опус претставува дел од македонското културно богатство. Исто така, е еден од основачите на ансамблот „Танец“ со кој постојано патувал низ светот, ширејќи го оригиналниот македонски народен мелос.
Починал на 19 декември 2002 година.


