Повторно играчки со пливачите: Не одат, па одат на Светското првенство во Катар

фото Фејсбук: Национална пливачка федерација

Македонските репрезентативци Ѓуретановиќ и Петровска и тренерот Стаменов биле убедени дека нема да одат на СП во Катар затоа што немало финансиски средства. Во минута до дванаесет средства сепак се обезбедени во ситуација слична на онаа од минатата година, кога се собираа пари до последен час нашиот тим да оди на СП 2023. Вакви „не одите-одите“ ситуации станаа обичај во овој наш спорт

Македонската пливачка репрезентација во минута до дванаесет дознала дека ќе учествува на Светското сениорско првенство во Доха, Катар (11-17 февруари). Ова изгледа станува обичај во овој наш спорт.

Пливачите Ева Петровска и Никола Ѓуретановиќ и тренерот Горан Стаменов веќе биле помирени дека нема да одат на СП затоа што немало финансиски средства, но пет дена пред да патуваат им било соопштено дека сепак ќе одат.

Ситуацијата е речиси идентична со онаа со која се соочија македонските пливачи минатата година пред патот на СП во Јапонија, кога во последен момент се собираа средства, за конечо нашиот тим да отиде.

Овојпат, како што ни кажа тренерот Стаменов, во последен момент Светската пливачка организација, со ангажман на Македонскиот олимписки комитет решила да го покрие целиот трошок на нашите пливачи и така тие треба в петок да заминат за Доха.

– Веќе кренавме раце од учеството, знаевме дека нема финансии за нас. Немавме ни вистински подготовки, затоа што бевме убедени дека нема да одиме. Но ненадејно неколку дена пред СП ни беше соопштено дека ФИНА преку МОК ќе помогне финансиски. Решивме да одиме. Оваа несакана ситуација е слична со онаа од лани, но, всушност се повторува и години наназад. Не сме подготвени како што треба, бидејќи мислевме дека нема да одиме. Но навикнати сме на вакви ситуации и научивме тоа дури и да нѐ мотивира – вели Стаменов.

Другите репрезентации одамна се во Доха каде се подготвуваат, а нашиот тим речиси од авион ќе скокне на трка.

Сметката на Пливачката федерација на Македонија две децении е блокирана и затоа доаѓа до вакви ситуации кога пари не може да и бидат префрлени за ваква намена, па се прибегнува кон импровизации. Учество ќе има, но со ваков пристап не може да се очекуваат вонсериски резултати.

Фото Facebook: Plivacki klub Vardar 2018

Никола Ѓуретановиќ (16), големата надеж на македонското пливање, вторпат ќе настапи на сениорско СП и покрај својата младост. Членот на ПК Вардар 2018 ќе плива на 400 метри и на 1.500 метри слободно. Според Стаменов, ова СП е добра шанса за Ѓуретановиќ да добие искуство за настап на младинските ЕП и СП каде може до него дури да се очекува и медал.

Ева Петровска (19) ќе плива на 400 и на 800 слободно. Членката на ПК Аква про веќе настапувала на СП и на ова ќе го даде најдоброто до себе. Обајцата се кандидати за настап на Летните олимписки игри 2024 во Париз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот