Повеќе од 20 години од нашите животи поминуваме пред екраните: Eгзит и УНИЦЕФ работат на подобрување на менталното здравје на младите

Фото: Принтскрин/ Инстаграм/ EXIT Festival

На денот на раѓањето на фестивалот, 29 јуни, Фондацијата Егзит и УНИЦЕФ започнуваат повеќегодишна и сеопфатна соработка чија цел е да се подигне свеста за важноста од грижата за менталното здравје на младите, пишува српскиот „Јуроњуз“.

Ова е една од најважните теми денес бидејќи нарушеното ментално здравје е водечка причина за болести, попреченост и социјална исклученост, додека вистинскиот разговор, блискост и поврзаност се едни од клучните ресурси за неговата стабилност.

Затоа Егзит и УНИЦЕФ со оваа кампања се обидуваат да укажат на огромното значење на контактите во живо за менталното здравје, особено во дигиталната ера кај младите. Првата фаза од кампањата, насловена „Животот е во живо“, е фокусирана на дигиталната зависност и привлекувањето на итно внимание на застрашувачките размери што ги достигна.

Иако технологијата нѝ ги прави секојдневието и комуникацијата исклучително лесни, линијата помеѓу нејзината корисна и опасна употреба е сè потенка и потенка.

Се проценува дека милијарди луѓе ширум светот страдаат од дигитална зависност и дека таа е поприсутна од сите други форми на зависност заедно. Во моментов во светот се користат околу 6,8 милијарди мобилни телефони, а податоците покажуваат дека над 65 отсто од светското население покажува знаци на номофобија, т.е. зависност од овие уреди!

Моменталната проценка за просечното време поминато пред мобилните, компјутерските и ТВ екраните е над неверојатни 20 години живот, додека просечниот корисник на мобилен телефон го допира овој уред 2.617 пати на ден!

Статистиката вели дека вообичаениот возрасен човек поминува околу осум часа и 45 минути дневно пред екран и дека повеќе од половина од сопствениците на мобилни телефони никогаш не го исклучуваат телефонот – 24 часа на ден, седум дена во неделата, 365 дена во годината.

„Сторито ќе истече, а вистинска приказна трае цел живот“ е слоганот на првата фаза од кампањата, чија цел е да ги истакне сите оние незаменливи моменти кои ги поминуваме со блиски луѓе и сами, а кои го сочинуваат животот автентичен и реален, а може да се доживеат само во живо.

Од друга страна, прекумерното време поминато пред екраните, на социјалните мрежи, како и во светот на видео игрите, е поврзано со бројни ментални тешкотии и нарушувања, додека дигиталниот идентитет и дигиталниот свет стануваат поважни од реалниот живот, особено кај младите.

„Колку што сознанието за распространетоста на дигиталната зависност изгледа застрашувачко, тоа е и можност за увид и свесност. На нашите настани масовно гледаме телефони во воздухот, но гледаме и дружење, запознавање, прегратки, автентичност, блискост, допир, контакт во живо. Затоа веруваме дека тоа е можно и неопходно е да се создаде рамнотежа, а чекор пред тоа е да бидеме свесни за ситуацијата во која се наоѓаме“, велат од фондацијата Eгзит.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот