Повеќе од 1.400 лични предмети на Фреди Меркјури ќе бидат продадени на аукција во Лондон
Повеќе од 1.400 лични предмети на фронтменот на рок-групата „Квин“, Фреди Меркјури, ќе бидат изложени на бесплатна изложба во аукциската куќа „Сотби“ во Лондон пред нивната продажба.
Препорачано
Ќе бидат изложени неговите сценски костими, рачно напишаните стихови на песната „Bohemian Rhapsody“ и малото пијано што го користел за да ги компонира најголемите хитови на „Квин“.

Огромната колекција на лични работи на пејачот, кои ѝ беа оставени на неговата блиска пријателка Мери Остин, се наоѓаат во неговата вила во западен Лондон 30 години од неговата смрт во 1991 година.
Остин во април изјави дека одлучила да ги продаде речиси сите нејзини предмети за да го „затвори ова посебно поглавје во нејзиниот живот“.

Фреди Меркјури, роден во 1946 година во Занзибар, Танзанија, чие вистинско име е Фарок Булсара, се преселил во Англија со своето семејство на 17-годишна возраст.
Со групата „Квин“, Меркјури сними 15 студиски албуми.
Тој почина во 1991 година, од пневмонија предизвикана од ХИВ-вирусот. Имаше 45 години.
Изложбата се отвора во петок и ќе трае до 5 септември. Предметите потоа ќе бидат продадени на серија аукции во текот на септември.


