Потврдено академско портфолио на македонскиот композитор Јане Коџабашија

Македонскиот композитор и истакнат научен деец, долгогодишен член на Сојузот на композиторите на Македонија и актуелен претседател на Собранието на СОКОМ, проф. д-р Јане Коџабашија, е избран за член на Дукљанската академија на науките и уметностите во Црна Гора.

Изборот за академик на проф. д-р Јане Коџабашија во оваа институција е признание и резултат на неговата повеќедецениска дејност, со која дава значаен придонес во развојот на македонската музичка култура и на нашата научна мисла.

Проф. д-р Коџабашија во текот на своето дејствување остварува значајни резултати во некои од базичните текови во развојот на македонската музичка култура – во музичката продуктива, во текот на работниот век во Македонската радиотелевизија, како одговорен уредник на Музичката и касетна продукција, директор на Македонија концерт, музичката публицистика и обемните научни истражувања во областа на музичкото културно наследство, за значаен број црковно-музички дејци, ракописни и печатени црковно-музички зборници и откривање на досега недостапни музички ракописи од областа на црковното пеење од византиската традиција кај нас. Овие истражувања во неговата дејност започнати во текот на 80-тите години на минатиот век, па сѐ до денешни дни претставуваат значаен придонес и остварена богата активност во областа на теоријата и практиката на црковното пеење од византиската традиција.

Издадените седумнаесет теоретски и монографски изданија и зборници на црковно пеење настанати на територијата на Македонија во 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, се монографски изданија на оригинални ракописи од македонски музички дејци, со воведен текст и транскрипција од невматска на европска нотација, како и педагошка литература, прва од ваков вид на македонски јазик за изучување на теоријата и практиката на источното црковно пеење.

Неговите трудови се изобилно цитирани од истражувачите на културното музичко наследство во земјава и во странство и се употребуваат како педагошка литература за изучување на теоријата и практиката на источното црковно пеење и во образовни институции надвор од нашата земја, известија од СОКОМ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 115, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6 февруари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот