Мајкл Џеј Фокс / Фото: XNY / StarMax / Profimedia

Потресна исповед на Мајкл Џеј Фокс: „Би сакал еден ден да не се разбудам, тоа би било навистина убаво“

Мајкл Џеј Фокс (64) е еден од најголемите холивудски ѕвезди од осумдесеттите и деведесеттите години. Има освоено три Еми награди и Златен глобус за улогата во серијата „Семејни врски“ (Family Ties), глумеше во десетина филмови, но вистинската слава му ја донесе легендарниот серијал „Враќање во иднината“ (Back to the Future). Токму во тој период забележал благо треперење на еден прст.

По низа прегледи, неврологот му ја соопштил поразителната дијагноза – ран облик на Паркинсонова болест. Во 1991 година, Мајкл имал само 29 години и ветувачка кариера пред себе. Лекарите тврдат дека токму неговите актерски вештини му помогнале подолго да одржи колку-толку нормален живот, и покрај дегенеративните последици од болеста.

Во последните неколку години доживеал повеќе сериозни повреди. Во интервју за „Тајмс“ рече: „Во последните три години го скршив лактот, раката, добив тешка инфекција на дланката и за малку ќе го изгубев прстот.“

Додаде дека сега се обидува да не се форсира и што помалку да оди, бидејќи секој чекор носи ризик од нова болна повреда. Иако, како што наведуваат медиумите, сè уште храбро функционира, јасно е дека болеста остава сè подлабока трага врз него.

– Би сакал еден ден едноставно да не се разбудам. Тоа би било навистина убаво – рекол тој.

Со години Фокс ја криеше својата дијагноза и продолжи да глуми. На крајот, како што откри, сфатил дека повеќе не може да ја крие својата состојба.

Сепак, неодамна повторно се појави пред камерите, во серијата „Терапија“, каде што толкува лик на човек кој боледува од Паркинсонова болест. Како што рече, првпат на снимање не морал да се грижи за заморот или физичките ограничувања, што му овозможило целосно да се посвети на глумата.

Инаку, Мајкл Џеј Фокс со години активно ги поддржува истражувањата и развојот на терапии преку својата фондација Michael J. Fox Foundation, која досега собрала повеќе од две милијарди долари за развој на третман за Паркинсоновата болест. Неговата организација денес е еден од клучните светски двигатели во борбата против оваа тешка дијагноза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот