Возила за „Пошта“ / Фото: принтскрин

„Пошта“ доби 100 возила за навремено да ги доставува пратките

„Македонска пошта“ доби 100 нови возила како дел од мерките за модернизација и подобрување на услугите, со цел да се зголеми ефикасноста на доставата и да се зајакне капацитетот на државната компанија. Со новите возила сега ќе може да се очекува навремена достава на пратките.

– Добивме 100 возила, 90 автомобили пикап и 10 комбиња. Недостигот на транспортните возила беше еден проблем што ни создаваше предизвици во извршување на задачите. Со оваа поддршка денес значително ја подобруваме поштенската инфраструктура, олеснувајќи го извршувањето на поштенските услуги, побрзо и поефикасно – рече директорот на „Пошта“, Охран Куртеши.

Тој појасни дека во 2024 година загубата била поголема, а сега работеле на тоа да ги намалат трошоците и да ги зголемат приходите, и како што вели, добро им одело. Од вработените дури 37 отсто биле во администрација, а имало и фиктивни вработувања, но дел од нив се избркани од работа, а другите почнале да доаѓаат на работа.

– Кога ја земавме задачата, како директор со Управниот одбор, видовме дека има 37 отсто администрација. Но, сега го намаливме тој број со Управниот одбор, со одлука, каде што и препораките на Ју-пи-ју се да го намалиме на 9 на 12 отсто администацијата и да ги скратиме подружниците од 15 на 9. Тоа го правиме – додаде Куртеши.

Во магацинот на „Пошта“ имало 600.000 неподелени пратки, а за една недела тие биле поделение и нема ниту една пратка што стои во магацин. Превозот бил еден од проблемите, но со овие нови возила тој проблем е надминат.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски рече дека возилата чинат 104 милиони денари, при што на јавната аукција, успеале да ја намалат цената за 400.000 евра. Тој, како што најави еднаш порано, сега вели дека секое писмо ќе може да стигне и до најоддалеченото село.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека се работи за нова енергија и нова функционалност за еден систем „кој со години беше оставен да се справува сам со предизвиците“.

– Владата преку Министерството за транспорт реализира набавка на 100 нови возила за потребите на „Македонска пошта“. Ова не е случајна одлука, ова е одговор на реална потреба. Просечната старост на возилата со кои досега работеше „Македонска пошта“ е околу 15 години, тоа значи застарена опрема, чести дефекти, зголемени трошоци и намалена ефикасност. Тоа значи доцнење на пратките, незадоволство кај граѓаните и намалена доверба на системот. Решивме да ставиме крај на тоа – рече Мицкоски.

Нагласи дека оваа набавка е дел од поширока стратегија, да ги обновиме инситуциите, да ги модернизираме јавните услуги и да ги направиме функционални за граѓаните затоа што, посочи, институциите постојат за да служат, а не да бараат оправдување.

Возилата се донација од Владата и Министерството за транспорт и врски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот