Посебен советник од кабинетот на генералниот секретар на Владата е дел од групата лихвари?
Посебен советник за економски прашања во кабинетот на Генералниот секретар на Владата е дел од групата осомничени за лихварство и за перење пари, дознава неофицијално „Слободен печат“. Иако испративме прашања до Владата дали четириесет и двегодишниот З.А. е еден од советниците на Игор Јанушев, оттаму не добивме ниту потврда, ниту демант, ниту информација дали по отворањето на истрагата советникот ќе остане во Кабинетот.
Препорачано
Според нашите неофицијални информации, З.А. бил вработен во Заводот за статистика, за потоа да биде именуван како посебен советник во Владата. Пред речиси една недела, Министерството за внатрешни работи до Обвинителството за гонење за организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава проти Б.К. (35), кој е во бегство и уапси 11 други луѓе, меѓу кои и З.А.
Кривичниот суд на осуммина осомничени им одреди притвор, на тројца куќен притвор, но според нашите информации, за советникот нема затворски притвор.
Како што информираат од МВР, деветмина од осомничените од почетокот на 2022 година до денеска се организирале во криминална група што се занимавала со давање на пари со договор, притоа договарајќи несразмерна имотна корист во пари, средства или во недвижен имот.
– Искористувајќи ја финансиската состојба на оштетените лица им позајмувале пари со пресметување на камата од 5 отсто или 15 отсто месечно зголемување за секое задоцнување. Од оштетените барале да им бидат вратени позајмените парични средства со пресметана камата или месечно да го исплаќаат износот по основ на камата. Кога тие не биле во можност да ја вратат позајмицата, осомничените барале да го предадат или оптоварат имотот со кој располагале, пренесувајќи го на име на некој од осомничените. Наплатата на паричните средства се вршела директно преку некој од осомничените или преку трансакциските сметки во банка од сметка на оштетен на сметка на некој од осомничените лица – се наведува во сопштението.
Од МВР соопштија и дека организираната криминална со лихварството се стекнала со противправна имотна корист во парични средства во износ од 125.033.527 денари (2 милиони евра).
Голема полициска акција во Скопје – запленети се многу пари, приведени се лихвари и бизнисмени


