Поранешниот шпански крал: „Го убив брат ми и тој момент го уништи мојот живот“
Поранешниот шпански крал Хуан Карлос (87), кој веќе неколку години живее во самонаметнат егзил во Абу Даби, за првпат отворено проговори за трагедијата што ја одбележала неговата младост – смртта на неговиот брат Алфонсо, пишува „Телеграф“.
Препорачано
Во своите мемоари, објавени неделава во Франција под наслов „Хуан Карлос I од Шпанија: помирување“, монархот детално ја опиша несреќата што се случила пред речиси седум децении.
Алфонсо, тогаш 14-годишен, загинал на 29 март 1956 година од еден куршум што го погодил во челото. Хуан Карлос, кој во тој момент имал 18 години и бил кадет на Воената академија, престојувал во семејниот дом во Есторил, Португалија, каде се сретнал со татко си, прогонетиот крал Хуан де Борбон.
Во книгата, во поглавје насловено „Трагедијата“, тој напишал: „Мислев дека пиштолот е празен, бидејќи ја извадивме рамката со куршуми. Немавме поим дека останал еден куршум во цевката. Испукав истрел во воздухот, куршумот се одби и го погоди брат ми право во челото. Почина во прегратките на нашиот татко“.
Мајката на двајцата принцови, принцезата Марија де лас Мерседес, раскажала дека Хуан Карлос трчал по скалите надолу и му кажал на татко си што се случило. Хуан де Борбон го завиткал телото на најмалиот син во шпанското знаме и потоа го фрлил пиштолот во морето. За трагедијата никогаш не била спроведена официјална истрага.
Само четири дена по смртта на брат му, Хуан Карлос се вратил во Шпанија, каде диктаторот Франциско Франко веќе го подготвувал за наследник на престолот.
„Ми недостасува. Посакувам да беше покрај мене, да можевме да разговараме. Го изгубив мојот најдобар пријател, довереник. Неговата смрт остави огромна празнина. Без тоа, мојот живот ќе беше помалку мрачен, помалку тажен“, напишал поранешниот крал, додавајќи дека трагедијата ја гледа како граница меѓу „пред“ и „по“ во неговиот живот.
Мемоарите, напишани во соработка со новинарката и историчарка Лоренс Дебре, ќе бидат објавени на шпански јазик во декември, по одбележувањето на 50-годишнината од смртта на Франко и обновата на монархијата.
Хуан Карлос абдицираше во 2014 година под притисок на скандали поврзани со љубовни афери и сомнежи за финансиски злоупотреби. Неговиот син, кралот Фелипе VI, не го покани татка си на главната церемонија што ќе се одржи на 21 ноември.


