Поранешниот претседател на Перу осуден на 11 години затвор
Перуанскиот суд денес донесе пресуда со која поранешниот левичарски претседател Педро Кастиљо е осуден на 11,5 години затвор за бунт и заговор против државата, по неговиот неуспешен обид кон крајот на 2022 година да го распушти Конгресот и да преземе проширени извршни овластувања.
Препорачано
Пресудата, како што пишуваат медиумите, следи само еден ден откако друг поранешен претседател на Перу, Мартин Вискара, беше осуден на 14 години затвор за примање мито во периодот пред неговиот мандат.
Во декември 2022 година, Кастиљо беше отстранет од функцијата откако пред камерите објави распуштање на Конгресот и воведување вонредна состојба — чекор кој брзо пропадна и предизвика масовни и насилни протести низ целата држава. Десетици луѓе загинаа во судири со полицијата, главно во сиромашните региони каде што Кастиљо имаше најголема политичка поддршка.
На судењето, тој ги негираше обвиненијата, тврдејќи дека „само прочитал документ без последици“. Обвинителите бараа значително построга казна — до 34 години затвор.
Пресудата ја продлабочува долгогодишната политичка нестабилност во Перу, земја која во последните години се соочува со сериозна институционална криза. Пет поранешни претседатели веќе завршија зад решетки, а од 2018 година Перу смени шест претседатели поради импичменти, оставки или корупциски афери.
По отстранувањето на Кастиљо, функцијата ја презеде потпретседателката Дина Болуарте, која беше отстранета во октомври годинава откако Конгресот ја прогласи за „морално неспособна“. Неа ја наследи Хозе Хери, кој треба да го доврши мандатот до јули 2026 година. Претседателските избори се закажани за април 2026 година.


