Поранешниот-министер за здравство ќе биде доктор на Клиниката за урологија

Поранешниот заменик-министер за здравство Асим Муса кој се повлече од функцијата по објавување на снимка на која наводно тој договара земање поткуп, од понеделник почнува да работи на Клиниката за урологија во Скопје, наместо во Заводот за нефрологија од каде дојде во министерството за здравство. Од Министерство за здравство не одговараат на прашањето кога е направено ова преземање, а директорот на Клиниката за урологија Сашо Дохчев објаснува дека Муса е искусен лекар и дека треба да биде онаму каде му е местото.

– Преземањето е нормална активност согласно законот. Имавме потреба од лекари, префрлањето беше одамна договорено – вели Дохчев за „Слободен печат”.

Спогодбите за преземање на работници од една во друга јавна здравствена установа ги потпишува министерот за здравство Венко Филипе, но од министерството нема никаков коментар за овој случај.

Албанската телевизија „Топ Ченел” објави снимка во која се тврди дека Муса барал мито за да направи операција на пациент од Албанија во земјава. На снимката тој зема и „гаранција” од 50 евра дека договореното ќе се реализира. Во прилогот се тврди дека истражувањето кое траело три месеци ги открива договарањата што ги прави заменик-министерот во болничките простории на струшката болница.

Муса ги отфрли овие обвинувања и на прес-конференција најави дека ќе се повлече од функцијата.

„Имав чест како заменик-министер за здравство да им служам на граѓаните и нема да дозволам да бидам дел од оваа медиумска бомба”, рече Муса кој е заменик-министер 18 месеци, а пред тоа три години беше директор на Општата болница во Струга и на болницата за нефрологија.

Тој на прес-конференцијата во Владата рече дека над дваесет и три години е во служба на граѓаните и општеството и дека никогаш не се поштедил ниту себе ниту семејството и дека ова е обид преку медиумска пропаганда да му се наруши угледот.

„Ги информирам граѓаните дека станува збор за странски државјанин, кој нема здравствено осигурување и дека за тоа приватно се плаќа. Му кажувам колку чини услугата. Повеќе од јасно е дека ова е стапица за медиумски спектакл за да ми се наруши угледот и да ми го дискредитираат семејството. Убеден сум дека на посветеноста и скромноста со која работам нема да влијае она што синоќа како медиумска бомба и пропаганда се обидоа да ми го нарушат угледот”, рече Муса.
Тој по најавата неколку недели не ја поднесуваше оставката до Собранието, со објаснување дека најавил дека ќе се повлече, а не дека ќе даде оставка.
Струшкото обвинителство соопшти дека ќе ги истражува наводите за мито на заменик-министерот Муса.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот