Поранешниот бодигард на Мијалков доби 50 илјади евра за незаконски отказ од МВР
Ален Зекиров, поранешен телохранител на директорот на тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, во 2018 година бил незаконски отпуштен од Министерството за внатрешни работи и исплатени му се 50 илјади евра за плати за тој временски период, објави истражувачкиот медиум „Призма“, повикувајќи се на правосилна пресуда од Граѓанскиот суд.
Препорачано
Според „Призма“, причината за отказот на Зекиров било тоа што сторил потешка дисциплинска повреда со учество во собраниските настани од 27 април 2017 година.
„Влегол со толпа граѓани во Собранието на РСМ и не презел дејствија со цел на заштита на животот на полициските службеници, граѓаните и имотот, спротивно на член 13 од Законот за полиција“, пишува во образложението за отказот.
Но, Зекиров несогласувајќи се со ова, во 2020 година поднел тужба против решението на МВР. Граѓанскиот суд пресудил дека Зекиров е во право, а апелациските судии лани во февруари ја потврдиле пресудата.
Судиите пресудиле дека не само што Зекиров незаконски добил отказ, туку дека има право да се врати на работа, а државата требало да му исплати 99 илјади денари за трошоци за водење на постапката.
На 15 октомври на Зекиров му биле исплатени нешто над 51 илјада евра како надомест на штета поради неисплатени плати и придонеси за време на престанокот на работниот однос, пишува „Призма“.
Фото: Призма


