Пораките за платен билет во ЈСП доцнат и по половина час, а контролорите казнуваат граѓани, тврди Левица
Левица обвинува за неправилности во казнувањето од страна на контролорите на ЈСП, посочувајќи дека има дефект во системот за платен билет.
Препорачано
„Во град каде автобусот доаѓа како природна непогода – непредвидливо и ретко, сега граѓаните се казнувани и за дефектите на самиот систем на ЈСП!“ велат од партијата.
До Левица пристигнале информации дека граѓаните уредно плаќаат билет преку телефон, а пораката за успешно плаќање стигнува по 20-30 минути.
„Во меѓувреме, контролорите настапуваат како улични извршители – дрско, агресивно и без никакво разбирање за очигледниот дефект на системот пишуваат казни. Наместо да се насочат кон проблемот, тие се истураат врз граѓаните кои и онака се лишени од нормален и достоинствен јавен превоз. И додека скопјани секој ден се вртат по преполни автобуски станици „чекајќи го Годо”, ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски продолжуваат да продаваат евтин ПИАР за подобрена состојба и скоро па решен проблем (којшто, впрочем, не смее да се заборави дека тие го создадоа поради каприц со екс-градоначалничката Данела)“ велат од Левица.
Од партијата посочуваат дека секогаш е најлесно вината да му се префрли на граѓанинот, а никогаш на „неспособното раководење“. Според Левица, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски пред избори ветил дека хаосот во јавниот превоз ќе биде решен веднаш, но дека со месеци никој не ги решава дефектите, доцнењата и распадот на ЈСП.
Левица апелира до Ѓорѓиевски и директорот на ЈСП да им укажат на контролорите дека не треба граѓаните „да ги третираат како измамници, туку оние коишто се расфрлале со ветувања за брзо решавање на проблемите“.


