Поради изолација кадар сè помалку, а болни сè повеќе

коронавирус-скопје-болница-ковид-19-миа11
Коронавирус/ Скопје/болница/ковид-19/ Фото: МИА

По 15 до 20 лекари, медицински сестри и болничари се на боледување или во изолација на Инфективната клиника во Скопје, а и во штипската болница. За упат за лабораториска крвна анализа или тестирање со ПЦР-тест на сметка на Фондот за здравствено осигурување се чека и по 10 дена.

Голем дел од медицинските работници се на боледување или во изолација откако им е констатиран ковид-19, што ја отежнува работата на клиниките не само во Скопје туку и во целата земја. Дури по 15 до 20 лекари, медицински сестри или болничари се отсутни од работното место, оттаму и отворањето дополнителни капацитети за лекување на болни од коронавирусот не е така едноставно, зашто е неможно да се воспостави системот на ротации со кој се компензираше недостигот на кадар во болниците.

За упат за лабораториска крвна анализа или тестирање со ПЦР-тест на сметка на Фондот за здравствено осигурување се чека и по 10 дена, што е и нелогично да се чека, со оглед на тоа дека Комисијата за заразни болести препорача изолацијата да се скрати на седум дена.

Во Штип слободни уште само пет-шест кревети

Со речиси 21 илјада активни случаи на коронавирусот во земјава, деновиве расте и бројот на граѓани на кои им треба хоспитализација. Болничко лекување најчесто им е потребно на граѓани со придружни болести, а на кои ковид-19 дополнително им ја влошил состојбата. Иако сојот омикрон на коронавирусот најчесто може да се третира амбулантски или во домашни услови, сепак никој не знае дали тие што завршуваат во болница се заразени од омикрон или од поранешната делта варијанта на коронавирусот.

Директорот на штипската болница Ален Георгиев за „Слободен печат“ вели дека во Штип во моментов се хоспитализирани 55 пациенти и има уште само пет-шест слободни кревети.

– Се заразија 15-20 лекари, болничари и сестри од сите одделенија во болницата. Сега-засега се справуваме со состојбата и особено ќе ја олесни ситуацијата ако изолацијата се намали на седум дена, бидејќи побрзо ќе може да се вратат на работа. Инаку, тешко е, може да дојде до загрозување на други оддели од каде што мора да се пренамени медицинскиот кадар за да се грижи за болните од ковид. Во јануари ние го удвоивме кадарот, но на ниво на цела болница 15-мина заболеа. Во амбулантата дневно има повеќе од 100 прегледи – вели доктор Георгиев.

И на Инфективната клиника во Скопје е намален персоналот откако петнаесетина медицински работници се во изолација поради зараза со ковид-19. И во Гевгелија има средномедицински персонал во болницата заболен од ковид-19, но состојбата се решава со ротација на постојниот кадар.

Лекарите се водат од искуството

Сојот омикрон на коронавирусот не признава вакцинираност и прележаност. Иако поголемиот дел од здравствените работници се двојно вакцинирани, сепак се инфицирале затоа што овој сој го заобиколува имунитетот. Терапијата што се дава во болниците зависи од тоа дали пациентите се за хоспитализација или за домашно лекување.

Интернистот доктор Блаже Чочков, кој работи во ковид-центарот во Гевгелија, за „Слободен печат“ вели дека официјални протоколи за лекување нема, туку лекарите се водат од искуството и од тоа како реагира пациентот.

– Најнапред матичните лекари проценуваат дали пациентите ќе бидат упатени во ковид-центрите. Ако станува збор за пациенти со билатерална бронхопневмонија, покрај витамините даваме и дополнителна антибиотска и кортикостероидна терапија и ако можат да најдат пациентите – и ремдесивир. Кај болничките пациенти се дава и кислородна терапија доколку им е падната сатурацијата – објаснува доктор Чочков.

Според неговото искуство, засега има пациенти што добро одговараат на терапијата, но некои што не реагираат, мора да се препратат во Скопје или во приватните болници.

– Нема специфичен протокол. Се водиме според искуството и од тоа како реагираат пациентите на промената на терапијата – посочува докторот кој работи во гевгелискиот ковид-центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот