Детски фестивал на МРТВ2 - песна за Голема Албанија / Фото: Скопје1

Поради емитуваната песна за „Голема Албанија“, најверојатно ќе биде сменета уредничката на МТВ 2

Ќе има одговорност за уредничката на вториот телевизиски канал на јавниот сервис поради скандалот со емитуваната песна од детски фестивал со која се воспева „голема Албанија“. Одговорниот уредник на МТВ2 Мерита Гаши најверојатно ќе биде разрешена од функцијатa, дознава неофицијално „Фокус“ од извори од МРТ.

Ова се очекува да биде епилогот од случајот, откако денеска Програмскиот совет на јавниот сервис го задолжи генералниот директор Марјан Цветковски да отвори дисциплинска постапка преку која ќе се истражи и утврди кој дозволил спорната песна да се емитува и со тоа ги прекршил законските одредби.

„Постапката треба да покаже кај кого е одговорноста и тој да ги сноси последиците, но истовремено укажавме и дека е потребно да се зајакнат механизмите за надзор на се што се емитува преку етерот на МРТ за во иднина да не се случуваат вакви и какви било прекршувања“, изјави за „Фокус“ претседателот на Програмскиот совет Давор Пашоски.

Како што пишува медиумот, случајот сега преминува во рацете на првиот човек на МРТ, Цветковски, кој преку законските овластувања што му следуваат треба да лоцира конкретна одговорност за ваквиот  пропуст. Тој во телефонски разговор не ја исклучил можноста од разрешување на уредничката Гаши, без оглед што, според информациите, таа веќе подолго време се наоѓала на боледување.

Инаку, во саботата во 11 часот беше пуштена снимка од детски фестивал на која девојче во маичка со карта на „голема Албанија“ ја пее песната „Trojet shqiptare“ („Албански простори/земји“) и во неа повикува на обединување на Албанците во една држава, на штета на територии на нивните соседни држави и народи.

ВИДЕО | „Ќе дојде ден кога сите ќе бидеме заедно“ – песна за „голема Албанија“ на детски фестивал, емитувана на МРТВ2

Во текстот на песната се пеат стихови: „Летај, летај, Албанијо, летај, знамето наше се издигнува над земјата“, по што следува порака за обединување: „Ќе дојде ден кога сите ќе бидеме заедно, зашто сме еден народ, еден сон, една цел“. Песната завршува со мотиви за слобода и опстојување, со порака дека народот ќе живее слободно.

Реакциите во јавноста се засилија поради визуелниот дел, каде беше прикажана карта од замислената држава која го опфаќа цело Косово, но и делови од Македонија, Србија, Грција и Црна Гора.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот