Работник во фабрика/ Фото: EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Помеѓу реалноста и желбите – колку годишен одмор добиваат работниците во регионот?

Според резултатите од истражувањето на порталот „Моја работа“ во Хрватска, БиХ и Северна Македонија, хрватските работници имаат просечно 25 дена годишен одмор, по нив следуваат вработените во БиХ со 21 ден, додека Македонците се на последно место со 20 дена годишен одмор, пренесува Н1 телевизија.

Анкетата опфати повеќе од 2.500 испитаници од три земји. Резултатите покажаа дека во сите нив, државните институции водат по бројот на денови за годишен одмор.

Во Хрватска, работниците во државните институции имаат просечно 28,6 дена одмор, во Босна и Херцеговина 27,6 дена, а во Северна Македонија 22 дена.

Приватните компании во странска сопственост, исто така, нудат релативно поволни услови: во Хрватска, просечно 25,4 дена, БиХ 22,8 дена, а во Северна Македонија 21,1 ден годишно.

Вработените во домашните приватни компании честопати имаат помалку годишен одмор од законскиот минимум, иако минимумот во сите три земји е 20 работни дена.

Така, во Босна и Херцеговина, вработените во ваквите компании имаат просечно 18,9 дена одмор, а во Северна Македонија 19,4 дена. Хрватските работници се во подобра позиција со просек од 22,7 дена годишен одмор.

Најизразени разлики се присутни во Хрватска, каде што големите компании и јавните институции со 200 или повеќе вработени обезбедуваат просечно 26,5 дена годишен одмор. Средните компании, со 20 до 199 вработени, нудат 24,8 дена, додека најмалите организации, оние со помалку од 20 вработени, дозволуваат просечно 22 дена одмор.

Сличен модел е забележлив и во Северна Македонија, каде што големите компании им обезбедуваат на работниците 21 ден годишен одмор, средните компании 20,2 дена, а малите компании 19,5 дена годишен одмор.

Во Босна и Херцеговина, разликите се исто така видливи: големите компании таму нудат просечно 22,1 ден годишен одмор, средните компании нудат 21,5 дена, а најмалку 18,7 дена.

Желба за дополнителни денови за одмор

Според истражувањето, поголемиот дел од вработените во сите три земји изразуваат желба за дополнителни денови за одмор. Во Хрватска, 63 проценти од вработените сакаат повеќе слободни денови. Сличен став делат 58 проценти од работниците во Босна и Херцеговина, додека 57 проценти од вработените во Северна Македонија го посакуваат тоа.

На прашањето колку дена годишен одмор би ги сметале за идеални, вработените во Хрватска најчесто наведуваат 31 ден. Работниците во Босна и Херцеговина и Северна Македонија веруваат дека 28 дена годишен одмор би биле оптимална мерка за зачувување на рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот