Полицијата покажуваше дека е строга за дрога – „настрадаа“ журкаџии во Гевгелиско
МВР се пофали дека неговите органи на редот вчера уапсиле 12-мина посетители на забава кај гевгелиското село Миравци, откако кај нив или во нивните автомобили била пронајдена дрога. Меѓу уапсените рејвери, седуммина се од Скопје, соопшти полицијата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Полицајците цели пет часа вршеле контроли на патот меѓу Миравци и „Бел Рај“, а резултатот е следниов плен: марихуана (количеството не е наведено) и четири таблети за кои МВР појаснува дека биле со „виолетова боја“.
„На 25/26.07.2025 во времето од 22.00 до 03.00 часот на локален пат од село Миравци кон место викано „Бел Рај“, гевгелиско, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија ги лишиле од слобода Б.Ј.(25), С.Н., М.К.(31), Н.М.(20), А.И.(24), Ф.П.(22) и Д.Б.(34) сите од Скопје, Г.А.(21) и Т.Ј.(38) и двајцата од Кавадарци, К.П.(21) од Неготино, П.З.(38) од Радовиш и Е.Ј.(22) од Берово. Во осум поединечни случаи при преглед на лицата или во возилата во кои се превезувале биле пронајдени марихуана и четири таблети виолетова боја“, пишува во соопштението.
За последната акција која одлично ја илустрира решителноста со која МВР пристапува кон борбата против дрогата, известено е и Јавното обвинителство, па сите уапсени ќе добијат соодветни пријави, додаваат од МВР.


