Мик Џегер / Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Полиција упаднала на забава кај Мик Џегер

Речиси шеесет години откако сер Мик Џегер првпат беше уапсен за време на полициска рација на една забава, фронтменот на „Ролинг Стоунс“ повторно се соочи со полицијата, овојпат поради гласна музика. Осумдесет и двегодишниот пејач бил меѓу гостите на забава на малиот вулкански италијански остров Стромболи, која полицијата ја прекинала во средата точно на полноќ, по поплаки од соседите за бучава. Според британски „Тајмс“, музиката се пуштала преку мал звучник.

„Кога пристигнале на местото, полицајците забележале дека музиката се слуша од мал звучник и не била премногу гласна, но сепак морале да наредат да се исклучи“, објави италијанската новинска агенција „Ла Пресе“.

Џегер престојувал на островот поради завршувањето на снимањето на филмот „Три инцестуозни сестри“ (Three Incestuous Sisters). Во актерската екипа се американската актерка Дакота Џонсон, ирските актерки Сирша Ронан и Џеси Бакли, како и англискиот актер Џош О’Конор.

Филмот е снимен според романот „Трите инцестуозни сестри“ од Одри Нифенегер, авторка позната и по романот „Жената на временскиот патник“. Во филмот игра и италијанската актерка Изабела Роселини, чиј татко Роберто Роселини го режирал филмот „Стромболи“ од 1950 година, снимен токму на истиот остров, со Ингрид Бергман во главната улога.

„Забавата беше организирана затоа што екипата го заврши снимањето. Славеа на приватна локација и воедно сечеа торта за роденденот на О’Конор“, изјавил локалниот новинар Бартолино Леоне.

О’Конор, кој во серијата „Круната“ го толкуваше принцот Чарлс, во средата наполнил триесет и шест години.

„На забавата имаше меѓу триесет и четириесет луѓе. Не беше особено гласно, но се веселеле и пиеле, а на полноќ, соседите повикале полиција“, изјавил Леоне.

Италијанската агенција „Анса“ објави дека рацијата „предизвикала мала збунетост проследена со општа смеа“. Следното утро Џегер го напуштил островот со хеликоптер.

Според „Тајмс“, Џегер и локалната полиција на Стромболи очигледно различно гледаат на тоа што претставува прегласна музика. „Ролинг Стоунс“ во 2013 година стекнаа репутација на бенд што го одржал најгласниот концерт досега во лондонскиот Хајд Парк, а тогаш била поднесена само една поплака за бучава.

Забавата на Стромболи, според многумина, била мошне мирна во споредба со онаа од 1967 година, одржана на имотот Вест Витеринг, кој тогаш бил во сопственост на Кит Ричардс, колега на Џегер од бендот. И таа забава била прекината со полициска рација, при што на местото биле пронајдени различни видови дрога.

Тогашната рација завршила со тоа што Џегер и Ричардс поминале една ноќ во затворска ќелија, но обвиненијата подоцна биле повлечени по силната реакција во јавноста, вклучително и уреднички текст во „Тајмс“ кој застанал во нивна одбрана.

Во средата вечерта на Стромболи, пејачот повторно се нашол во проблем поради строгите правила за бучава што ги вовел Рикардо Гуло, градоначалник на Еолските Острови, на кои припаѓа и Стромболи. Правилата биле донесени за да им се овозможи мирен сон на жителите и туристите на блискиот остров Липари. Но, тие предизвикале револт кај локалната туристичка претставничка Роса Олива.

„Човек би очекувал добредојде за гостите, или барем поздрав и благодарност за нивниот важен придонес за економијата и промоцијата на Еолските Острови“, изјави таа во четвртокот.

Наместо тоа, според неа, Џегер и холивудските ѕвезди биле оттурнати со „казнени интервенции“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот