Ковчегот на папата Франциск изложен во базиликата Свети Петар во Ватикан/Фото: EPA-EFE/VATICAN MEDIA HANDOUT

Погребот на папата Франциск како дипломатски предизвик

Во следните часови вниманието на светот ќе биде насочено кон Ватикан, бидејќи стотици официјални лица се очекува да се соберат таму во 10 часот наутро за да му кажат последно „збогум“ на папата Франциск, кој почина во понеделник наутро на 88-годишна возраст.

Според Гардијан, истовременото присуство на шефови на држави, премиери и кралеви е главоболка за оние кои се задолжени за организација на церемонијата, од кои се бара да се вклучат во логистичка вежба „за да се спречат моментите на дипломатски срам“.

На пример, дали американскиот претседател Доналд Трамп треба да држи одредена дистанца од украинскиот претседател Володимир Зеленски? Дали истото треба да се случи со францускиот претседател Емануел Макрон, бразилскиот левичарски претседател Луис Инасио Лула да Силва или кој било Иранец што ќе се појави? Дали секој може да се смести во првиот ред на функционери?

Фактот дека погребот на папата Франциск е закажан за 10 часот по италијанско време значи дека неколку од официјалните лица почнувајќи од попладнево ќе престојуваат во Рим, што теоретски дава можност за билатерални средби.

Искуството од 2015 година

Претходната соодветна церемонија, во април 2005 година за погребот на папата Јован Павле Втори, беше опишана како „дипломатски настан на годината“ од Центарот за дипломатија на Универзитетот во Јужна Калифорнија бидејќи собра „безброј лидери, од кои многу никогаш не биле во иста земја, а уште помалку на исто место и на неколку метри еден од друг“.

Во тоа време, војната во Ирак беше во тек, а тогашниот американски претседател Џорџ Буш добиваше свирежи кога беше прикажан на мониторите. Американскиот претседател седеше, всушност, на кратко растојание од лидерите на Сирија, Иран и Куба.

Од своја страна, тогашниот принц Чарлс беше виден како се ракува со Роберт Мугабе од Зимбабве, принудувајќи ја Бакингемската палата да издаде соопштение за да појасни дека „принцот смета дека режимот во африканската земја е одвратен“.

Како што потсетува британскиот весник, „секој понтиф има пратеници ширум светот кои играат дипломатска и религиозна улога. Нунциите знаат работи за кои просечниот амбасадор не знае. Луѓето имаат тенденција да им веруваат повеќе на свештениците отколку на дипломатите“.

Кој ќе присутвува?

Списокот на достоинственици на погребот на папата Франциск е долг и ги вклучува: американскиот претседател Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија, поранешниот американски претседател Џо Бајден, претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, претседателот на Франција, Емануел Макрон, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претседателот и премиер на Италија, Серџо Матарела и Џорџа Мелони, кралот и кралицата на Шпанија, Фелипе и Летиција, премиерот на Англија, Кир Стармер, принцот Вилијам, претседателот на Полска, Анджеј Дуда, претседателот и премиер на Португалија, Марсело Ребело де Соуса и Луис Монтенегро, кралот Филип и кралицата Матилда од Белгија со премиерот на земјата, Бар де Вевер, претседателот на Аргентина, Хавиер Милеи, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, претседателот на Кипар, Никос Христодулидес, премиерот на Чешката Република, Петр Фиала, премиерот на Доминиканската Република, Луис Абинадер, претседателот на Источен Тимор, Хозе Рамос-Хорта, претседателот на Еквадор, Надиел Нобоа, премиерот на Естонија, Алар Карис, претседателот на Финска, Александар Стуб, германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер, премиерот на Унгарија, Тамаш Шијлок, претседателот на Латвија, Едгарс Ринкевичс, литванскиот премиер Гитанас Науседа, претседателката на Молдавија, Маја Санду, холандскиот премиер Дик Шуф, новозеландскиот премиер Кристофер Луксон, престолонаследникот Хакон од Норвешка и неговата сопруга Мете-Марит, филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Јуниор, привремениот премиер на Романија, Илие Бологиан, претседателката на Швајцарија, Карин Келер-Сатер.

Безбедносни мерки

Посебна „вежба“ за италијанските власти е прашањето за безбедноста со бариери внатре и надвор од базиликата „Свети Петар“ за контрола на толпата, додека проверките се зајакнати.

Низ Рим и воздушниот простор на главниот град е распоредена најсовремена „машинерија“, вклучително и антидронови, зона за забранети летови патролирана од борбени авиони и софистицирани технологии. Во исто време, единиците за борба против тероризмот работат на терен со 2.000 полицајци кои патролираат во базиликата „Свети Петар“ и околината, а 400 сообраќајни полицајци се задолжени за управување со сообраќајот на колоните.

Денеска се запечатува ковчегот на папата

Според традицијата, ковчегот на папата Франциск ќе биде свечено запечатен вечерва за време на литургиската церемонија што ќе се одржи во базиликата „Свети Петар“, во 20 часот.

Според информациите, кардиналот Кевин Фарел од САД, Камерленго на Светата римска црква, ќе претседава со обредот на запечатување на ковчегот на покојниот папа Франциск, пред папскиот погреб утре наутро.

Погребната служба ќе започне утре, сабота во 10:00 часот на плоштадот „Свети Петар“, со што ќе се означи почетокот на Новемдијалес, древна традиција на деветдневна жалост и миси за упокојување на душата на починатиот папа. Ноемдијалните миси ќе се слават секој ден во 17 часот во базиликата „Свети Петар“, освен Божествената литургија во недела на 27 април, која ќе биде во 10:30 часот, на плоштадот „Свети Петар“.

Повеќе од 128.000 верници му оддадоа почит на папата Франциск, поклонението ќе трае до 19 часот

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот