Погоден јужнокорејски брод во Ормускиот Теснец — Сеул размислува да се приклучи на американската мисија
Претседателскиот кабинет на Јужна Кореја денеска расправаше за одговорот на Сеул по пожарот што избувна по експлозија на товарен брод управуван од голема јужнокорејска бродска компанија во Ормускиот Теснец. Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Јужна Кореја да се приклучи на мисијата предводена од САД во оваа стратешка поморска рута, пренесува Анадолија.
Препорачано
Сеул соопшти дека ги презема сите неопходни мерки за утврдување на точната причина и околностите околу експлозијата на бродот.
„Точната причина за инцидентот ќе може да се утврди по проценка на штетата кога бродот ќе биде одвлечен“, соопшти Министерството за надворешни работи, пренесува The Korea Times.
Инцидентот се случил доцна синоќа, додека бродот „HMM Namu“ бил закотвен во близина на брегот на Обединетите Арапски Емирати. Пожарот избувнал во машинската просторија, а екипажот се борел со огнот околу четири часа користејќи системи со јаглерод диоксид. Потврдено е дека сите 24 членови на екипажот, меѓу кои шестмина Јужнокорејци и 18 странски државјани, се безбедни.
Причината за експлозијата сè уште се истражува, а претставник на компанијата HMM Co. изјавил дека не е познато дали станува збор за надворешен напад или технички дефект.
Во меѓувреме, 26 бродови под јужнокорејско знаме сè уште се блокирани во теснецот.
Ја презедовме нафтата, ние сме како пирати, вели Трамп по запленетиот брод на Иран – Слободен печат
По инцидентот, американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Јужна Кореја да се приклучи на американската мисија во Ормускиот Теснец, истакнувајќи дека „можеби е време Сеул да се вклучи во операцијата“.
Иранските државни медиуми претходно објавија дека две ракети погодиле американски воен брод во близина на островот Јаск, но САД категорично ги демантираа овие тврдења.
Тензиите дополнително се зголемија откако Иранската Револуционерна гарда предупреди дека секој брод што нема да ги почитува правилата за транзит ќе биде „силно запрен“ во Ормускиот Теснец.


