Промоција на книгата на Наташа Сарџоска во Риека

Поетската книга „Географија на слободата“ на Наташа Сарџоска имаше промоција во Риека и Опатија

Деновиве во Риека, во Хрватска, од печат излезе поетската книга „Географија на слободата“ која содржи избор песни од сите шест поетски книги и неколку необјавени песни на Наташа Сарџоска, во издание на Хрватското книжевно друштво, а со поддршка од Министерството за култура и туризам на Северна Македонија.

Поетесата Наташа Сарџоска за оваа книга одржа две промоции во Хрватска. Првата во рамки на Денови на македонската култура во Риека, каде што за авторката и книгата говореше Ивона Дуноски, претседателка на Македонското културно друштво „Илинден“ во Риека и организаторка на настанот.

Втората се одржа во Опатија, на покана на Здружението „Културен фронт“, каде што, освен промотивен настан, Сарџоска одржа и научно предавање со наслов „Поезијата како експеримент со јазикот, како метафизичка уметност, како чин на општествена побуна“ во дебатниот клуб „Opatija Coffeehouse Debates“ во Опатија и каде што модератор на дебатата беше проф. Иван Церовац од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Риека и каде учество зедоа бројни поети, интелектуалци и професори од кварнерскиот регион.

Автор на корицата на книгата е сликарката Калина Брајковска, а на поговорот е риечкиот поет и воедно издавач Валерио Орлиќ. Своите стихови ги преведе самата авторка, а лектура и редакција направи хрватската книжевна теоретичарка и критичарка Марија От Франолиќ.

Промоција и предавање на Наташа Сарџоска во Опатија

Овие книжевни промоции во Хрватска се само неколку во низата книжевни настани што Сарџоска ги оствари во периодов. Имено, таа престојуваше на две книжевни резиденции летово во Хрватска: во „Куќата за писатели“ во Пазин, каде што имаше неколку промотивни настани со проф. Даниел Мохоровиќ и директорката на пазинската градска библиотека Мајда Милевој Клапчиќ и гостувања во радио Пула, Ровињ и Истра.

Таа имаше резиденција и во Сплит на покана на германската фондација и книжевна мрежа „Традуки“, каде што нејзиното книжевно творештво беше претставено во Градската библиотека „Марко Марулиќ“ во разговор со преведувачката и организаторка на културни настани Патриција Хорват и со поетесата Нада Топиќ, а во организација на Здружението „Курс“ и неговата претседателка Маја Вранчиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот