Насловна корица на книгата / Ана Пејчинова

Поетската книга „Чувари на малите нешта“ од Ана Пејчинова излезе во издание на „Или-или“

Напишана во класичен и во слободен стих, поезијата на Ана Пејчинова е посветена на невидливото: на природата и сенките, на патниците и пределите, на миговите и соништата, на молчеливите нешта што се светилишта на суштина. Во спој на лирика и метафизика, хумор и духовност, љубов и смртност, збирката отвора премин меѓу светови: сонот и јавето, живиот и неживиот свет, митот и современоста, минливоста и вечноста.

„Чувари на малите нешта“ е избор од необјавени стихови на авторката напишани во периодот 2002 – 2025, додека патувала, пишувала и молчела. Изборот не ќе беше возможен без двајцата уредници на збирката: Наташа Атанасова и Никола Маџиров, а печатеното издание доаѓа благодарение на издавачката куќа „Или-или“.

Оваа поезија е и засолниште и манифест на сè што е тивко и суштинско. Ние сме „чувари“, градители, создатели на убавина, но и нас нешто нè чува, гради и преобразува. „Чувари на малите нешта“ пее со меланхолична, „тврдоглава“ верба. Со едноставен јазик и со нежна метафизичност. Стиховите на Пејчинова нè повикуваат да сопреме во овој бучен, забрзан свет, да се завртиме кон невидливото и да го сочуваме, како што тоа, невидливо, нè чува нас.

Ана Пејчинова (1973) има разновидно творечко и професионално портфолио во областа на книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки, меѓународниот развој и хуманитарната помош.

Родена е во Скопје, со повеќегодишни студии, работа и патувања во триесетина земји на пет континенти на светот. Дипломира Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (1995), докторира на Катедрата за компаратистика при Карловиот универзитет во Прага (2002), а магистрира политички науки на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (2006).

Има објавено три збирки поезија: „Деогае“ (1995), „Ѕверот и проѕирот“ (1997) и „Златните раце на демонот“ (1999), како и збирка раскази „Авгански дневници“ (2008). Добитник е на наградата „Млада Струга“ (1995) и на други признанија. Нејзини песни се преведени на полски, германски, англиски, француски, фински, српски и други јазици. Како книжевен преведувач, има објавено препеви на значајни автори, главно од англиски јазик.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 303, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.10.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот