Марко Маринковиќ - Слаткар / Фото: Слободан печат/Слободан Ѓуриќ

Поддршката за документарецот за Слаткаристика отвори дебата за критериумите во културата

На социјалните мрежи изби револт зошто државата финансира филм за „северџан“ и „предавник“, односно за човек што ја поддржал промената на уставното име на државата и дал поддршка за референдумот во 2018 година, а не за уметници како Тоше Проески или Симон Трпчевски.

Агенцијата за филм ги објави филмските проекти што годинава ќе добијат државна поддршка во висина од 93 милиони денари. Објавата предизвика силна бура во јавноста откако беше обелоденето дека меѓу прифатените проекти е и документарниот филм „Слушни ме“ на Радован Петровиќ, кој е биографски музички документарец за музичарот Марко Маринковиќ – Слаткаристика. Филмот ја отвора темата за лицата со говорни и комуникациски тешкотии и нивното место во општеството.

Но, на социјалните мрежи изби револт зошто државата финансира филм за „северџан“ и „предавник“, односно за човек што ја поддржал промената на уставното име на државата и дал поддршка за референдумот во 2018 година на кој граѓаните беа прашани: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, а не за уметници како Тоше Проески или Симон Трпчевски.

Можеби мислевте дека, на пример, за Тоше Проески ќе се прави биографски филм. Е мислевте, ама не. Или за ДНК, на пример. Не, не. Или, еве, за Симон Трпчески. Пример, велам. Јок. Да не навлегувам понатаму…“, гласи еден од коментарите на социјалните мрежи.

Ако за Слаткар се снима филм, што ќе треба да се снима за ‘Мизар’ и ‘Архангел’? Франшиза ќе треба…“, се додава во друг коментар.

Се надевам дека во филмот Слаткар Маринковиќ ќе биде реално претставен – како северџан и предавник на македонската идеја…“, стои во трет коментар.

Имено, Слаткар со песната „Отворено писмо“ во 2018 година даде поддршка за референдумот за прифаќање на Договорот од Преспа и порача дека иднината е во младите и оти тие треба да се охрабрат и да ги тргнат старите окови.

По реакциите во јавноста, се огласија од Министерството за култура и туризам од каде што појаснија дека „Слушни ме“ не е филм што се занимава исклучиво со музичката кариера на Слаткаристика, туку станува збор за документарен проект со јасна општествена, едукативна и инклузивна димензија, кој преку неговата лична приказна ја отвора темата за говорните и комуникациските тешкотии кај децата и младите. Филмот, додадоа од Министерството, ја истражува улогата на музиката и на уметноста како можни алатки за надминување на овие предизвици, испраќајќи порака за прифаќање, еднакви можности и општествена инклузија.

Министерството со внимание ги следи реакциите во јавноста поврзани со одлуката за поддршка на документарниот филм „Слушни ме“. Ја разбираме чувствителноста на јавноста кога станува збор за распределба на буџетски средства и сметаме дека е важно граѓаните да бидат целосно информирани за причините поради кои овој проект доби поддршка. Особено значајно е што проектот обработува тема што директно засега голем број семејства во нашето општество. Преку автентична приказна и препознатлив јавен лик, филмот има потенцијал да придонесе кон подигнување на свеста за говорните и комуникациските тешкотии и да поттикне поширока јавна дебата за поддршката што им е потребна на овие деца и нивните семејства – соопштија од ресорното министерство.

Преку социјалната мрежа Фејсбук се огласи и самиот Маринковиќ.

Мојата потешкотија со говорот, дефинициски, е губење на ритамот на говорот. Како дете, долго време мислев дека моите зборови не вредат доволно. Затоа почнав да пишувам стихови уште од моментот кога научив да држам молив во рака. Малку подоцна спасот го пронајдов во ритамот и почнав да правам песни. Денес музиката е мојата кариера и животна мисија. Цел живот сум се соочувал со предрасуди, потценувања и пречки од општеството, особено од оној површен и неинформиран слој. И ова е само уште една таква пречка на патот. И верувам дека токму таа ќе стане и една од инспиративните сцени во приказната што ја раскажувам – порача тој.

Инаку, покрај филмот „Слушни ме“, годинава поддршка од Агенцијата за филм ќе добијат и филмовите „Кралот на ѓубрето“ на Георги М. Унковски, „Никој не го сака Садик“ на Ибрахим Деари, „Татко“ на Јани Бојаџи, „Вител на изумирањето“ на Љубомир Стефанов, како и повеќе меѓународни копродукции со партнери од Хрватска, Словенија, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Чешка, Романија и Велика Британија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот