Под мотото „Постоиме“ започнува кампањата за одбележување на Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите луѓе

Под мотото „Постоиме!“ денес започнува кампањата за одбележување на Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите луѓе – во организација на Иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Република Северна Македонија – ТрансФормА.

Пораката која ја пренесува кампањата е дека трансродовите граѓани се во подеднаков ризик по сопственото здравје како и сите останати. Моменталната состојба потсетува на фактот дека здравјето на секој граѓанин е од примарна важност. Иницијативата ТрансФорма има податоци за случаи во минатото, неповрзани со сегашната ситуација, кога трансродовите лица, поради стигматизација, предрасуди и дискриминација заради својот изглед или своите документи, не добивале здравствени услуги кога им било најпотребно.

Со оваа кампања, Иницијативата ТрансФорма се залага за достигнување на највисок можен степен на здравје на сите граѓани, и укажува дека здравствената заштита и здравствените права на транс лицата треба да бидат неприкосновено право како и за сите останати граѓани во нашето општество.

Но, здравствената заштита за транс лицата останува сеуште огромен предизвик заради несоодветното постапување и непочитување на правата од страна на институциите на системот. Неможноста за промена на личните документи, значи и непристпаност до основни здравствени услуги, но Управата за водење на матичните книги, која е надлежна за промена на ознаката за пол во личните документи сеуште не ја спроведува одлуката на Европскиот суд во Стразбур и покрај многубројните реакции и барања.

Потсетуваме дека „лицето Х“ се’ уште чека, иако помина една година и два месеци од пресудата на Европскиот Суд за човекови права. Чекаат и неколку други лица, чија ситуација не е ништо помалку стресна. Ја прашуваме Управата дали знае дека со оставање на трансродовите лица во позиција на чекање и неусогласени документи го попречува нивниот пристап до здравствени услуги? Истакнуваме дека иако е вонредна состојба, постојат одредени права кои се неприкосновени дури и за време на вонредна состојба. Едното од тие права е да се биде признат пред законот. Ја прашуваме Управата дали има намера да го испочитува ова неприкосновено право на трансродовите граѓани кои веќе долг период чекаат пред нејзините врати? Дали самоволието на Управата е поважно од неприкосновените права? Дали самоволието на Управата е поважно од здравјето?

Оваа кампања има за цел да го педизвикува системот да обезбеди еднаквост. Видливоста на трансродовите луѓе значи еднаков пристап до здравствени услуги во овој тежок период. Видливоста во пракса значи почитување на одлуките на Европскиот Суд, но и почитување на трансродовите луѓе кои се граѓани на нашата држава и обезбедување достоинствен живот. Видливоста на трансродовите луѓе значи општество на еднакви граѓани и спроведување на принципот на еднкавост.

Го одбележуваме овој ден, не само во знак на видливоста, туку и на квалитетите со кои сакаме да живееме во нашето општество: солидарност, емпатија, меѓусебно почитување и соработка. Само со нивна примена ќе ги надминеме препреките кои стојат пред сите нас како граѓани. Само со нивна примена ќе стигнеме до нешто подобро.

#ПОСТОИМЕ!

Фото: Принтскрин

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот