Под диригентската палка на Паскал Галоа камерниот ансамбл „Алтус“ ќе одржи концерт во Филхармонија

Паскал Галоа

Камерниот ансамбл на Филхармонија – „Алтус / Нов здив“ на 9 октомври, со почеток во 19 часот, ќе одржи концерт под диргентската палка на маестро Паскал Галоа од Франција.

Камерниот ансамбл „Алтус“ е во состав Катарина Павлович – виолина, Гонца Богоромова Краповски – сопран, Елена Стојческа – флејта, Игор Иванов – кларинет, Паскал Краповски – виолончело, Маријана Николовска – пијано и Антоние Весковски – вибрафон и ќе изведе дела од А.Р. Томас, Ј. М. Стауд, П. Булез и дело на македонскиот композитор Панде Шахов.

Како уметник со многу таленти и мајстор на фагот, еден од најенигматичните дувачки инструменти, Паскал Галоа е солист, оркестарски музичар и професор кој остава печат и со својата работа како диригент.

Минатата година Паскал Галоа како диригент настапи во Македонската филхармонија на концертот „Стив Рајх: Музика за 18 музичари“. Тогаш остварил контакт со дел од музичарите кои се дел од камерниот ансамбл „Алтус / Нов здив“. Често знае да каже дека во Македонија има многу талентирани музичари и изведувачи на современа музика.

Неговото мото како уметник е дека музиката како уметност заслужува подобро место во општеството. И токму поради тоа тој го води најголемиот конзерваториум во срцето на Париз.

Во 2015 година, го формира „Ле музикал де Киброн“, фестивал на современа музика во градот Киброн во Бретања, Франција, каде се среќаваат класичната и модерната музика. На фестивалот досега трипати настапиле и македонски музичари.

Диригирањето во моментов е негова централна определба преку која ја искажува својата пасија кон музиката и неговата оригинална перспектива и гледање на современиот и на класичниот репертоар. Диригентскиот фокус на Галоа е ставен на изведба на дела од современи композитори.

Паскал Галоа веќе подолг период работи на вмрежување на музичари од различни држави, а со проектот „Алтус / Нов здив“ прави поврзување помеѓу Македонија, Австрија и Франција. Имено, по скопскиот концерт, музичарите ќе заминат во Салцбург, Австрија, каде ќе имаат концерти на 12 и на 14 октомври. На концертите во Салцбург ќе биде изведено и делото на македонскиот композитор Панде Шахов. Планови за работа со камерниот ансамбл „Алтус“ има и по одржувањето на овие три концерти.

Концертот во Скопје се реализира во соработка со Центарот за едукација и музика – ЦЕМ МКД и Францускиот институт Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот