Почнува третото издание на студентската филмска платформа „Хај-фај“ во кафе и филм „Котур“
Под мотото „Придружи се на игралиштето“ од 1 до 3 јуни во кафе и филм „Котур“ ќе се одржи третото издание на студентската филмска платформа „Хај-фај“.
Препорачано
Програмата на третото издание ќе почне со проекции на националната селекција на студентски филмови, која брои вкупно 13 филмови. Овој настан се реализира во соработка со фестивалот на музика и филм „Ѕирни“ и е посветен на запознавање со новата генерација филмаџии од Факултетот за драмски уметности, како и со колеги од останати факултети кои се пробале во филмската продукција.
На програмата се филмови од 13 режисери и режисерки: Јана Голабоска, Бојана Миовска, Леона Јариќ, Мартин Темков, Борјан Гаговски, Марија Петреска, Ивона Георгиева, Никола Јовановиќ, Виктор Јовев, Теодора Најдовска, Дарко Ѓуровиќ, Михаел Каровски и Ксенија Мано. По проекциите следува сесија на прашања и одговори со дел од присутните автори, како и музичка програма со диџеј сет на Љубен Дерибан.
Влезот за сите настани е слободен. Целосната програма и распоред се достапни на социјалните мрежи на „Хај-фај“, „Академска сцена“ и „Котур“.
Ова издание на „Хај-фај“ е финансиски поддржано од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а реализирано во соработка со кафе и филм „Котур“ и фестивалот на филм и музика „Ѕирни“.
Станува збор за третиот од низа промотивни настани кои го најавуваат осмото издание на фестивалот на филм и музика „Sирни“. Фестивалот ќе се одржи од 28 септември до 5 октомври на повеќе локации, како и во кафе и филм „Котур“.
Осмото издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“, кој е поддржан од Владата на Швајцарија, а се имплементира од страна на „Хартефакт Фонд“ од крајот на 2024 година до крајот на 2028 година.


