Почнал да чита на две години, а задачи решавал од три: Приказната на младиот гениј Македон Димитровски

Додека повеќето деца на тригодишна возраст допрва ги совладуваат сложените реченици, математичкиот гениј Македон Димитровски од Тетово на таа возраст веќе се „вљубил“ во бројките.

Пред неколку дена, Македон постигна извонреден и историски успех на Германската математичка олимпијада, освојувајќи два златни медала – во индивидуална конкуренција по математика и во математички предизвик.

Тој денес има 11 години, но неговата љубов кон бројките започнала кога имал само три години, а почнал да чита од две.

Кога имаше осум години, Македон во емисијата „Еден на Еден“ откри дека неговата фасцинација со математиката започнала многу рано.

„Јас ги научив така бројките откако бев, ајде да кажеме, три години. Многу сакав да собирам бројки, учев да собирам и да одземам. Тоа ми беше почетокот“, рече малиот Македон.

Покрај математичките операции, фасцинантна приказна е како го совладал читањето. Наместо преку сликовници, Македон се учел директно од телевизискиот екран.

„Кога сум бил мал, сум ги читал титловите, ми било интересно да читам нешто ново во тоа време“, рече Македон.

Оваа способност да ги процесира информациите во реално време, без разлика дали се букви или бројки, е она што го прави Македон единствен меѓу неговите врсници.

За време на разговорот, Македон покажа дека за него не постои „тешка“ задача. Со неверојатна самодоверба прифати предизвик да пресмета сложена математичка операција: 489.222 помножено со 6.

Новиот подвиг на младиот гениј го сподели неговиот татко Владимир на социјалните мрежи.

„Со своите блескави резултати, Македон беше прогласен и во престижната група на лауреати — признание резервирано само за најдобрите од најдобрите.

Овој неверојатен успех е доказ за врвен талент, огромна посветеност и достојно претставување на Македонија на меѓународната сцена.

Честитки, Македон! Ти си наша гордост, инспирација и вистински шампион“, напиша Владимир Димитровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот