Почнаа подготовките за монодрамата „Прима фацие“ во која игра актерката Сара Анастасовска
Светски познатиот и наградуван драмски текст „Прима фацие“ (Prima Facie) од Сузи Милер пристигнува на македонската театарска сцена. Пробите почнаа на почетокот на февруари, означувајќи го периодот на интензивен креативен процес за поставување на ова современо и општествено релевантно сценско дело.
Препорачано
Монодрамата „Прима фацие“ е правен трилер што ја следи приказната на успешна адвокатка специјализирана за одбрана во случаи на полово вознемирување, која по еден ненадеен настан се соочува со системот што дотогаш го бранела. Претставата отвора суштински прашања за позицијата на жената во правниот систем, за начинот на кој системот ги третира случаите на полово вознемирување, за согласноста, родовата еднаквост, моќта и правдата, поттикнувајќи општествена дебата и емпатија.
Претставата се реализира во продукција на Здружението ТЕСА – Скопје, во соработка со „Млади Хаб“, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување. Преводот на текстот е на Благој Б. Бошковски, режијата е на Драгана Гунин, а улогата на Теса ја толкува Сара Анастасовска.
Плановите предвидуваат подготовките да траат во февруари и март, а премиерата е планирана за почетокот на април 2026 година. По изведбите на претставата ќе се одржат јавни дискусии со експерти, со цел да се отвори разговор и подлабоко да се анализираат темите за согласноста и нејзиното правно толкување, психолошките последици од сексуалното вознемирување и процесот на пријавување и добивање поддршка.

Овој проект е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од „Хартефакт фонд“ од крајот на 2024 година до крајот на 2028 година.
Проектот „Култура за развој“ го поддржува независниот културен сектор во Република Северна Македонија, користејќи ја културата и уметностите за поттикнување критичко размислување за општествените прашања важни за локалните заедници.
Целта е да се стимулира поотворено и демократско општество преку јакнење на социјалната кохезија, демократските процеси и општествениот дијалог, како и преку охрабрување на соработката меѓу културните институции.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 321, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.2.2026)


