Почна училишната година: Родители се бунат, Филипче и Царовска уверуваат дека учениците ќе бидат безбедни

На училиште во време на ковид. / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Филипче рече дека границата за преминување на онлајн настава ќе биде доколку 10 отсто од учениците се заразени и повторно упати апел до родителите чиишто деца тргнуваат на училиште и во градинка да се вакцинираат.

Со физичко присуство, нејасни протоколи и делење лански свидетелства, денеска почнува учебната година.

Во прво и четврто одделение ќе се учи по нови наставни програми и материјали, што содржат интерактивни слики, видеа, квизови, игри и анимации.

Родителите што инсистираат на онлајн настава, можат поединечно да поднесат барање до училиштето. Сите други ученици седнуваат во училишните клупи со маски на лицето.

Министерката за образование и наука Мила Царовска, вчера уште еднаш потенцираше дека сите училишта се подготвени за реализација на наставата. Таа беше јасна дека нема дискусии за менување на моделот на наставата за кој одлучува Комисијата за заштита од заразни болести.

Со сличен став излезе и министерот за здравство, Венко Филипче.

– Учебната година ја започнуваме со настава со физичко присуство, налик на земјите во регинот. Наставата ќе се одвива под јасно утврдени здравствени протоколи. Во случај на влошување на епидемиолошката состојба, МОН, по проценка на Комисијата за заразни болести, за реализација на наставата има две резервни сценарија со кои ќе се заштити и зачува здравјето на учениците и наставниот кадар, нагласи тој и додаде дека здравјето на учениците е приоритет, како физичкото така и менталното.

Филипче рече дека границата за преминување на онлајн настава ќе биде доколку 10 отсто од учениците се заразени и повторно упати апел до родителите чиишто деца тргнуваат на училиште и во градинка да се вакцинираат.

Засега, исклучок од наставата со физичко присуство се средните училишта во Тетово и Гостивар, согласно проценката по однос на ризик и одлука на Комисијата за заразни болести, заради големиот број заразени во овие општини. И општините Струга и Кичево побараа пролонгирање на почетокот на учебната година со физичко присуство, но министерот Филипче рече дека Комисијата за заразни болести ги разгледала барањата и заклучила дека нема потреба од тоа.

ЈСП ќе пушти повеќе автобуси

Голем дел од родителите веќе реагираат за наставата со физичко присуство и коментираат дека протоколите за настава се нејасни и недоволно прецизирани. Тие, на пример, прашуваат како и каде децата безбедно ќе јадат, дали тоа ќе го прават за време на големиот одмор во училница, така што 30 деца ќе ги симнат маските во исто време. Некои родители прашуваат дали со почетокот на учебната година ќе се пуштат дополнителен број автобуси заради заштита на учениците. За ова „Слободен печат“ побара одговор од ЈСП.

– Ве информираме дека од утре, среда (1.09.2021 година) поради почетокот на учебната година и очекуваната поголема фрекфенција на корисници на јавниот превоз, во сообраќај ќе бидат вклучени зголемен број автобуси. Автобусите ќе сообраќаат по делничен возен ред, односно јавниот превоз ќе го опслужуваат зголемен број на возила во споредба со изминатите неколку месеци, информираат од ЈСП Скопје.

Тестирање на учениците засега нема

Според епидемиолозите, ваквите услови се идеални за ширење на заразата, па така, тие се сомневаат дека целта на инсистирањето на властите на ваков вид настава е всушност да се имунизираат младите преку заразување.

И покрај растечкиот број на новозаразени од ковид -19 заради доминантниот делта сој, регионалната канцеларија на СЗО за Европа и регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, повикаа училиштата да останат отворени и да се почитуваат мерките.

Според Филипче, тестирање на децата, кое е препорачано од СЗО и УНИЦЕФ, засега нема да има. Ако има индикација за тоа, ќе се направи рапид тестирање на учениците, но за тоа ќе одлучи епидемиолог.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот