Почна филмскиот фестивал во Венеција, на кој премиерно ќе биде прикажан и филмот „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски

Меѓународниот филмски фестивал во Венеција, еден од најпрестижните настани во глобалната филмска индустрија, на 30 август го отвора своето 80-то издание. Организиран од Ла Биенале ди Венеција, фестивалот ќе се одржи во Венеција Лидо од 30 август до 9 септември.

Одбележувајќи ја својата 80-годишнина, фестивалот го потврдува своето влијание во филмскиот свет како најава за извонредни остварувања и потенцијални номинации за Оскар пред сезоната на награди.

На фестивалот ќе бидат прикажани повеќе филмски наслови, како „Ферари“ на Мајкл Ман, „Маестро“ на Бредли Купер, „Догмен“ на Лук Бесон, „Убиецот“ на Дејвид Финчер, „Присила“ на Софија Копола, а тука е и македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски.

И покрај актуелните штрајкови во Холивуд, на црвениот килим ќе зачекорат многу филмски ѕвезди, како Адам Драјвер, Кејлеб Лендри Џонс, Мадс Микелсен и Џесика Честејн, кои се меѓу познатите лица кои ќе присуствуваат на претстојниот филмски фестивал во Венеција.

Своја премиера ќе има и македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на „Лист Продукција“ – Скопје, којшто има обезбедено дистрибуција на територија на САД преку компанијата „Focus Features“ (Universal Pictures).

Горан Столевски / Фотографија: Joel Chamaa

Ова е третиот долгометражен филм на режисерот Столевски и прво негово македонско мнозинско остварување. Неговиот дебитантски филм „Нема да си сама“ (You won’t be alone) беше премиерно прикажан на Санденс филм фестивал во 2022 година, а истата година, неговиот втор филм „Доволно возрасни“ (Of an Age) го отвори Интернационалниот филмски фестивал во Мелбурн. И двата филма беа интернационално дистрибуирани од страна на „Focus Features“ и „Universal Pictures“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот