Почина Ози Озборн: Иконата на хеви-металот замина на 76-годишна возраст
Ози Озборн, фронтменот на легендарната група „Блек Сабат“ и една од највлијателните фигури на британската рок-сцена, почина на 76-годишна возраст, објави „Гардијан“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Со тага што не може да се опише со зборови, мора да соопштиме дека нашиот сакан Ози Озборн утрово почина. Беше со своето семејство, опкружен со љубов. Ве молиме за почитување на нашата приватност“, се вели во соопштението на семејството Озборн.
Причината за смртта не е објавена, иако пејачот веќе подолго време се бореше со сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи Паркинсонова болест и неколку операции на рбетниот столб.
Озборн беше симбол на хеви-металот – со својот уникатен глас, ексцентричен изглед и бунтовничка енергија, остави длабок печат врз рок-музиката. Одгризувањето глава од лилјак на сцена, како и зависностите од алкохол и дроги, станаа дел од неговата мрачна митологија, а подоцна, преку реалити-серијата „Озборнови“, му се приближи на пошироката публика како забавен и збунет татко.
Само неколку недели пред смртта, на 5 јули, Озборн настапи на прошталниот концерт „Back to the Beginning“ во Бирмингем, каде повторно се соедини со членовите на оригиналната постава на „Блек Сабат“ – Тони Ајоми, Гизер Батлер и Бил Вард.
„Шест години сум прикован, немате поим како се чувствувам. Од срце ви благодарам“, им рече на присутните.
Роден како Џон Мајкл Озборн во Астон, Бирмингем, во 1948 година, тој потекнуваше од скромно семејство на фабрички работници. Како дете преживеал сексуално злоставување, а подоцна бил осуден за кражба. Неговото тешко детство и индустриското опкружување силно влијаеле на звукот на „Блек Сабат“, група чие мрачно и тешко музицирање го постави темелот на хеви-металот.
Првиот албум на бендот, „Black Sabbath“, излезе во 1970 година и беше проследен со револуционерните „Paranoid“ и „Master of Reality“, кои засекогаш го сменија текот на британскиот рок. Хитовите како „Iron Man“ и „War Pigs“ се уште се химни за фановите ширум светот.
Озборн сними уште пет албуми со бендот, но во 1979 година беше отпуштен поради зависности. Го замени Рони Џејмс Дио. Во 2013 година повторно се приклучи на групата за албумот „13“, кој се најде на врвот на топ-листите. Последниот настап на „Блек Сабат“ се одржа во 2017 година во Бирмингем.
Како соло-артист, Озборн издаде 11 студиски албуми, почнувајќи со „Blizzard of Ozz“, кој достигна петкратен платинест статус во САД. Последниот, „Ordinary Man“ од 2020 година, вклучуваше соработки со музичари од различни жанрови, вклучувајќи и Елтон Џон.
Најпознатата сцена од неговата кариера се случила во 1982 година кога, мислејќи дека се работи за сценски реквизит, одгризал глава од лилјак. Подоцна морал да прими вакцина против беснило. Во 1981 година, пак, одгрицнал глави од гулаби на состанок со музичка продукција, наместо да ги пушти како симбол на мир.
Во 2003 година, заедно со ќерката Кели, ја испеа песната „Changes“, која стана негов единствен број еден хит во Велика Британија.
Со својата сопруга Шерон има три деца – Кели, Џек и Ејми, а од првиот брак со Телма ги има Џесика и Луис. Бракот со Телма пропаднал поради алкохолизмот, а самиот Озборн подоцна признал дека не се сеќава на раѓањето на неговите први две деца.
Во 1982 година се оженил со Шерон, која го презела менаџирањето на неговата соло кариера. Заедно со неа го основаат фестивалот „Озфест“, кој им донесе големо богатство. Во 2018 година беа меѓу 20-те најбогати музички семејства во Велика Британија.
Во 1989 година Озборн беше уапсен поради обид за убиство на Шерон, под дејство на алкохол ја задавувал. Иако бил уапсен, парот подоцна се смирил. Во 2016 година повторно се разделија поради љубовна афера на Озборн, но повторно се обединија.
Од 2002 до 2005 година семејството се прослави со реалити-серијата „Семејството Озборн“, која освои награда Еми и го направи Озборн уште попопуларен кај новите генерации.
Во 2003 година доживеа тешка несреќа возејќи четвороцикл, при што ги скрши вратот, клучната коска и неколку ребра. По несреќата, срцето му застанало за момент и за малку ќе го изгубел животот. Подоцна му беше дијагностициран Паркинсонов синдром.
По години на трезвеност, во 2013 година призна дека повторно западнал во зависност, но успешно се вратил на патот на закрепнување. Последната негова турнеја „No More Tours 2“ беше прекината поради здравствени причини.
Во мај 2025 година, во своето последно интервју, призна дека се борел со депресија.
„Се будиш наутро и дознаваш дека нешто ново не е во ред. Почнуваш да мислиш дека никогаш нема да заврши“, рече тој.


