Почина македонскиот композитор Кире Костов: Зад себе остави бројни музички евергрини

Фото: Скриншот/Јутјуб

По подолго боледување, на 73-годишна возраст почина македонскиот композитор и диригент Кире Костов, објави Сојузот на композитори на Македонија.

Кире Костов е роден 1949 година во Битола. Средно музичко училиште завршил во Битола и уште во тој период активно учествувал во културно-забавното живеење на градот. Натамошното школување го продолжил на Музичката академија во Белград, а потоа и на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Во периодот од 1970 до 1988 година бил прв трубач и солист на Танцовиот оркестар на тогашната Радиотелевизија Скопје, а од 1988 година до денес (2010) и негов диригент. Како единствен претставник на тогашна Југославија, учествувал во Бигбендот на Европската радиодифузија, кој бил составен од по еден инструменталист од секоја земја од Европа.

Автор е на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот. Од областа на популарната музика има околу триста наслови како композитор – „Летај галебе“, „Кога те нема“, „Твоите очи сине“, „Синот божји“, „Тајно моја“, „Илузија“ и многу други, и уште толку како аранжер на други автори.

Бил еден од основачите на фестивалот за деца и млади „Си – до“, кој се одржуваше во Битола, од 1991 до 2000 година. Бил уметнички директор на Интерфест Битола за популарна музика. Добитник е на бројни награди и признанија.

Вечна му слава!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот