Почина гитаристот на легендарната група „Кис“, им подлегнал на повредите по страшниот пад во неговото студио
Ејс Фрејли, легендарниот гитарист и еден од основачите на познатиот бенд „Кис“, почина на 74-годишна возраст.
Препорачано
Фрејли бил приклучен на апарати за одржување во живот откако доживеал тешко крварење во мозокот. Музичарот бил однесен во болница и ставен на респиратор. Членовите на неговото семејство донесоа тешка одлука да ги исклучат апаратите за одржување во живот, објави „Дејли мејл“.
Како што пренесоа медиумите, музичарот паднал во своето домашно студио пред неколку недели и си ја удрил главата. Оттогаш, состојбата на Фрејли се влошила, па музичарот бил приморан да ги откаже сите претстојни датуми на турнејата.
На неговиот официјален Инстаграм профил на 25 септември беше објавено соопштение со кое обожавателите беа уверувани дека е „добар“, иако лекарите му наредиле да не патува.
Само една недела подоцна, новата објава потврди дека тој ги откажува сите преостанати датуми на турнејата за 2025 година, наведувајќи ги како причина „здравствените проблеми кои сѐ уште траат“.
Во рок-светот брзо се проширија гласини дека Фрели починал, откако искусниот музички новинар Мич Лафон објави порака на мрежата Икс: „Ејс, ти благодарам за музиката и спомените. Бог да те благослови.“
Фрејли е првиот член од првобитната четворка на „Кис“ кој почина. Оригиналната постава ја сочинуваа тој, пејачот/гитарист Пол Стенли, басистот Џин Симонс и тапанарот Питер Крис.
Тој свиреше гитара за бендот од 1973 до 1982 година, пред да го напушти поради креативни разлики и борба со злоупотреба на супстанции. Потоа го основа бендот „Фрејлиева комета“ (Frehley’s Comet), кој траеше од 1984 до 1988 година. Повторно се придружи на „Кис“ на нивната турнеја за повторно обединување во 1996 година и остана со нив до 2002 година.


