Басистот на легенадарната рок групата „Рибља чорба“, Мирослав Миша Алексиќ почина на 67-годишна возраст поради последици од ковид-19.
Музичарот со денови водеше битка против овој вирус и беше приклучен на респиратор, но на крај не успеа да ги совлада компликациите.
Неговата ќерка Мина Алексиќ пред неколку дена на Фејсбук објави статус за состојбата на нејзиниот татко, за кого веруваше дека ќе се опорави.

„Мојот Миша е заболен од ковид и е на респиратор веќе трет ден. Секој час е негова борба за животот, како и моја за него. Миша би сакал сите наши блиски луѓе да знаат каков борец е тој. Би сакал сите луѓе кои го сакаат и почитуваат да бидат со нас, да бидат со него и да веруваат дека ќе го победиме коронавирусот“, напиша Мина во вторникот.

Членовите на бендот се скршени за загубата на големиот пријател, а по тажната вест се огласи и неговиот пријател и кум Момичило Бајагич – Бајага.
„Ми умре пријателот, дознав пред неколку минути. Се чувствувам ужасно бидејќи ми почина еден од најдобрите пријатели, тоа е се што можам да кажам“, кратко изјави Бајага за Нова.рс.