По тешката реалност на фронтот и состојбите со Бајден, Зеленски навестува преговори со Русија
Тешкaта состојба на фронтовите, како и состојбите во САД околу повлекувањето на Џо Бајден од претседателската трка, го принудија украинскиот претседател Володимир Зеленски да го смени тонот во својот говор кога минатата недела ѝ се обраќаше на нацијата.
Препорачано
Американски Си-ен-ен последните пораки и гестикулации на Зеленски ги толкува како сигнал дека украинскиот претседател за прв пат е подготвен да преговара со Москва откако Русија направи инвазија врз Украина.
Имено, медиумот ваквиот заклучок го црпе од изјавата на Зеленски во која тој минатата недела предложи Москва да испрати делегација на следниот мировен самит што се надева дека ќе го одржи во ноември. Русија не беше поканета на претходната мировна конференција, одржана минатиот месец во Швајцарија, бидејќи Зеленски рече дека какви било разговори може да се случат само по руското повлекување од Украина.
Во меѓувреме според Си-ен-ен, Киев во моментов се соочува со двоен проблем, од една страна е тешката ситуација на фронтот, каде што иако руското напредување е забавено, тоа и понатаму продолжува. Од друга страна, политичката несигурност од изборите во САД, и дали по изборите најголемиот сојузник на Украина ќе продолжи да испраќа помош со ист обем.
Колку е блиску Зеленски до идната администрација на Трамп?
Едно од толкувањата кое доаѓа од поранешниот американски амбасадор во Украина, Џон Херст, е дека е можно Зеленски да се обидува со изјавите да се приближи кон идната администрација на Трамп, со тоа што отвора простор за преговори.
Подготвеноста за преговори во неколку наврати ја потврди и рускиот претседател Путин, меѓутоа под услови кои на денешен ден се целосно неприфатливи за Украина и Западот, кои не само што не вклучуваат повлекување, туку и бараат Украина да предаде територија која е под нејзина контрола.
Американскиот медиум понатаму забележува дека на фронтот Украина и покрај пристигнувањето на западно вооружување и понатаму брани територија и спречува напади, наместо да ослободува територија.
Западните аналитичари објаснуваат дека руската офанзива иако можеби не е толку успешна во освојување територија, таа е крајно успешна во спречување на какво било собирање војска, оружје и муниција од украинска страна за некоја идна контра-офанзива.
Џеј Ди Венс – најголем страв на Зеленски?
Политичките проблеми на Зеленски почнаа со Трамп, па потоа само ескалираа за неколку дена откако Џеј Ди Венс беше избран за негов потпретседател, а во истиот период Германија објави дека следната година ќе ја преполови помошта за Украина.
„Моментално е политички тешко, ако не и невозможно, да се изјави дека мир може да биде постигнат без целосно враќање на сите украински територии. Но тоа не значи дека со тек на време, тоа нема да стане возможно,“ смета Херст, според кого на Киев му е неопходно да има некаква победа во војната за која може да зборува, дури и да не ја врати целата територија.


