По тепачките и турканиците – се бара притвор за ќерките и таткото чии крави пасат кај ќе стигнат
Се бара притвор за таткото и за неговите две ќерки од Кривопаланечко чии крави пасат кај ќе стигнат, а вчера и ги спречуваа полицајците и инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство да ги одземат кравите.
Препорачано
– Осомничените, татко и двете негови ќерки, како соизвршители на 2 декември, со сила и сериозна закана спречиле службени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство со полициска асистенција да постапат по правосилно и извршно решение за спроведување мерки за одземање домашни животни – крупен добиток. Јавниот обвинител, имајќи ја предвид опасноста од бегство, но и можноста за повторување на делото, до надлежниот суд поднесе предлог за определување мерка притвор за сите осомничени – соопшти Обвинителството.
Според Обвинителството, тие подолг период го малтретираат месното население и соседите, а почнале да ги напаѓаат и претставниците на надлежните институции.
МВР соопшти дека тројца луѓе се уапсени поради тоа што попречувале полицајци и вработени во АХВ при извршување службени дејствија.
-Вчера (02.12.2025) околу 16:00 часот во село Трново, кривопаланечко, кај место викано „Самоков“, полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка ги лишија од слобода Г.Ѓ.(57), А.Ѓ.(30) и А.Ѓ.(22), сите од с.Жидилово, кривопаланечкo – велат од МВР.
Ситуацијата со кравите во Кривопаланечко ескалираше вчера кога сопственикот, кого полицијата мораше да го спречува да се степа со еден од соседите, даваше отпор, а неговите ќерки се обидуваа да ги спречат полицајците да го одведат, но тие сепак го совладаа. Тој е уапсен меѓу другото и затоа што наводно им се заканувал по живот на повеќемина жители на селото кои трпеле штета од неговиот добиток.
ВИДЕО: Тепачка и протест во Добровница – комшии ги пуштиле кравите во туѓа зелка
Жителите на неколку села во Кривопаланечко го обвинија семејството дека е проблематично и дека стоката ја чува без штала и без место за пасење, пуштајќи ги кравите да талкаат низ селата, каде прават штета во туѓите ниви и посеви.


