По сторијата на „Слободен печат“: Антикорупциска отвори предмет за хонорарецот Фатмир Меџити
Антикорупциската комисија отвори предмет по сопствена иницијатива за хонорарот од 1.000 евра кој Фатмир Меџити го земал 5 месеци од Министерството за здравство во исто време додека бил директор на Клиниката за неврологија, сторија што денеска ја објави „Слободен печат“.
Препорачано
Во рамки на оформениот предмет, Државната комисија за спречување корупција ќе преземе дејствија за утврдување на фактичката состојба во конкретниот случај, соопштија од Антикорупциска.
Во законот за здравствена заштита предвидено е директорот секојдневно да ги врши обврските и затоа е многу тешко да остане време и за друг ангажман на директорот иако двојната улога не е законски регулирана.
Од договорот не може да се сфати што работел Меџити за овој хонорар, но може да се сфати дека работните задачи за Министерството за здравство требало да ги врши секој ден. Податоците на „отворени финансии“ покажуваат дека парите од Министерството му се префрлани секој месец, во износ од 1.000 евра заклучно со декември 2024 година.
Договорот за дело склучен меѓу Меџити и Министерството за здравство, траел од 8 јули 2024 до 31 декември 2024 година. Во овој период тој имал задачи коишто требало да ги извршува за Министерството за здравство секој ден, и покрај тоа што секој ден имал работни задачи и на Клиниката за неврологија со која директорувал и до ден денешен директорува. Договорот е склучен непосредно откако министер за здравство стана Арбен Таравари, сопартиец и личен пријател на Меџити. Во периодот кога Таравари бил министер, најмалку две лица семејно поврзани со Фатмир Меџити исто така склучиле договори со Министерството за здравство за да извршуваат работни задачи внатре на определено време, покажува документацијата со која располагаме.
Но, кога нашата редакција се обиде да дознае кои активности ги вршел Меџити за да добива ваков месечен хонорар од 1.000 евра од Министерството за здравство, наидовме на бариера. Ниту од содржината на договорот не може да се дојде до суштината на работните задачи што ги извршувал Меџити како хонорарец на Министерството. Министерството за здравство пак молчи на нашите прашања и барања за слободен пристап до информации од јавен карактер поради што „Слободен печат“ вложи жалба до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Министерството за здравство всушност има склучено вакви хонорарни договори со повеќе лица и сите се со истата содржина, односно се договори „по терк“. Се разликуваат само износите на исплатените хонорари и времетраењето на договорниот однос, но членот 2 во кој се опишува што точно треба да работи хонорарецот за да ги добие исплатите, кај сите е ист. Конкретно, за Фатмир Меџити членот 2 од договорот со кој се уредуваат неговите обврски како хонорарец на Министерството за здравство во периодот од 8 јули 2024 до 31 декември 2024 гласи:

На Клиниката за неврологија каде Меџити е директор, како и на неговата мејл адреса се обративме со прашања какви работни задачи вршел со договорот за дело што го имал во Министерството за здравство, но добивме чуден одговор.
Ве известуваме дека ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија – Скопје нема надлежност да постапува по однос на поставеното прашање. Во врска со оваа проблематика, потребно е да се обратите до друга соодветна институција, ни рекоа оттаму.
Побаравме прашањата Клиниката да ги проследи до директорот Меџити од кого ги побаравме одговорите, но повеќе не добивме одговор од нив на дадената тема. Министерството за здравство не одговори на нашите барања за слободен пристап до информации од јавен карактер со кои баравме да ни се достават месечните извештаи за сработените активности од страна на Меџити во времето додека бил хонорарец за Министерството за здравство.


