По исказите за нехуманиот третман кон 17-годишникот, Народниот правобранител ќе поведе постапка за Психијатриската болница во Демир Хисар

Фото: Слободен печат

Согласно надлежностите, отворивме предмет по сопствена иницијатива, ќе ги преземе сите мерки за испитување на случајот, рече државниот советник во Народен правобранител Васка Бајрамовска Мустафа во врска со веста за 17 годишникот со аутизам за кој за Слободен печат неговата мајката Салка Абдуловска посведочи дека момчето било врзувано во болницата при што по телото се здобило со видливи рани.

„Слушнавме за настанот, објавија повеќе медиуми имајќи предвид дека немаме директна претставка директно од родителот како би можеле да ги добиеме основните податоци. Но, и овие се доволни за да иницираме една постапка. Да бараме од надлежните органи да се направи надзор над работата на установата и секако да бараме соодветни информации за изнесени наоди на родителот преку медиумите за начинот на којшто детето беше третирано додека било сместено во установата“, истакна Васка Бајрамовска Мустафа.

Таа посочи дека и лани реагирала за условите за третман во здравствената установа од Демир Хисар.

„Институцијата Народен правобранител вршејќи го мандатот на национален превентивен механизам, посетувајќи ја оваа установа мината година излезе со остри осуди или критики за условите во којшто се генерално сместени лицата во установата. Со соодветни препораки за тоа што треба да се преземе во која насока, бидејќи нешто што не треба да дозволиме нехуман однос, или сместување на граѓани во несоодветни услови. Верувам дека што поскоро треба да бидат преземени мерки со цел ваквите установи треба да бидат места од аспект на кадар и од аспект на стручност и од аспект на третман и однос, ќе одговорат на стандардите кои ги налагаат меѓународните конвенции, меѓународните стандарди за почитување бидејќи во спротивно кршиме многу права кршиме многу и закони и конвенции кои ги имаме ратификувано како држава“, рече Васка Бајрамовска Мустафа.

Инаку „Слободен печат“ вчера се обрати во психијатриската болница Демир Хисар за објаснување на случајот.

„Пациентот е лекуван во нашата установа во текот на изминатиот месец. Станува збор за лице со нарушување од аутистичен спектар во изразито влошена состојба. Претходно бил одбиен за третман од повеќе установи. Актуелниот прием е реализиран на упорно инсистирање на родителите иако притоа беа запознаени со условите во установата и дека не станува збор за соодветна институција за негов третман. Лекувањето е согласно медицина базиранан а докази и во текот на третманот се бележеа одредени ситуации за кои е неопходно физичко ограничување. Истите се изведуваа согласно протоколите. Тоа се ситуации кои се поврзани со ризично однесување во смисла на автодеструктивност или агресивност кон другите. Родителите во текот на целиот третман беа навремено и редовно известувани за неговата состојба“, изјави директорката на психијатриската болница Демир Хисар, Ивана Кочовска.

ФОТО| Низ солзи, мајката на детето со аутизам врзувано во психијатриската болница Демир Хисар: Не можев да го препознаам!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот