ПМС: Имаме ли самодоверба и зошто ни е толку потребна?

Фотографија: Instagram

Дали (по)некогаш сте си префрлиле самите себеси дека „сте заникаде“ и дека не можете да им одговорите на предизвиците, а тука се пред вас, како што и отсекогаш биле. И одеднаш чувствувате дека сите ги „бива“, само вас, не. Е, тогаш, супер сте ! Иако, не се чувствувате, во моментот, добро. Тоа значи дека само си ја барате самодовербата назад која ,„до вчера“ сте ја имале, зашто не можете да загубите нешто што никогаш не сте имале.

Не треба да бидеме дипломирани психијатри или психолози за да направиме разлика меѓу тоа што значи да се има самодоверба и што значи да се има суета, или ароганција. За овие поими, кои почнавме многу да ги мешаме во последно време, може да се позборува и од лингвистичка страна, како и од женски агол.

Од лингвистичка страна, освен што станува збор за три именки од женски род, други допирни точки, немаат. Самодоверба е именка од женски род, со значење доверба во себеси и во сопствените можности и способности. Суета е, исто така, именка од женски род, што значи копнеж за слава и почести со истакнување на сопствената личност. Има значење и на „сè што е без поголема цена, празно“. Ароганција е, исто така, именка од женски род, со значење на надменост, дрскост и наперченост.

Од женски агол пак, самодоверба значи да веруваме во своите способности за кои сме свесни дека ги имаме. Кога имаме самодоверба, го немаме негативното чувство дека другите се закана за нас. Кога имаме самодоверба значи дека имаме поголема самосвест, а имаме и само-ефикасност, која не треба да ја докажуваме на другите, зашто нашето размислување е независно од проценката на другите. Самодовербата тогаш би морала да значи и независност и слобода, односно, – дека во центарот на мојот интерес сум јас и моето „јас“ (моите мисли), и дека немам намера да се барам и препознавам себеси во „комшивките“.

Да се има суета пак, значи секогаш да имаме желба да сме над другите и да се натпреваруваме со нив во сè. А, тоа е првиот показател за отсуство или за премала самодоверба.

Кога имаме самодоверба, тогаш сме поотворени, подостапни, повеќе флексибилни и поспособни да си ги признаеме и исправиме грешките. И, поамбициозни сме, ама не во смисла да „згазиме“ сè пред себе за ние да „стигнеме некаде“, туку во однос на она што сакаме да го оствариме, доживувајќи го на, најмалку, три новоа – емоционално, интелектуално и духовно. Кога имаме самодоверба имаме желба да го екстернализираме она што го носиме внатре во нас, бидејќи си го почитуваме сопствениот став, и не се плашиме од туѓото расудување. Колку повеќе пак, имаме суета и арогантен став, толку повеќе имаме тенденција да се „сокриеме“ во другите, затоа што не се чувствуваме сигурни во нашите мисли и чувства, туку ја бараме и туѓата потврда за нашите замислени или изговорени реченици.

Па, тогаш ајде да си ја вратиме самодовербата „на сметка“ на намалување на суетата и ароганцијата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот