„ПМГ Танц дигитал“ во „Ла Кања“ ќе го промовира новото издание на Андреја Салпе
Македонската дискографска куќа „ПМГ Танц дигитал“, која е посветена на издавање современа електронска музика, на 12 август, со почеток во 22 часот, ќе го промовира своето 22-ро издание. Станува збор за ЕП-то „Relations“ на Андреја Салпе.
Препорачано
Според дискографската куќа, Андреја Салпе е дефинитивно најквалитетниот македонски електронски продуцент од помладата генерација. Последниве неколку години тој бележи буквално експлозија на квалитетна и разновидна музика од неговиот музикален мозок, адекватно поврзан со машините кои пеат.
Најновото негово ЕП „Relations“ со емотивната груви-tech композиција „Relationships“ и со амбиент spoken word на Б-страната, „A Message“, каде што гласот е на Galatheia, е квалитетна најава за она што ќе следува, а тоа е есен со неколку есенцијални изданија од неговата кујна.
Промоцијата на изданието ќе биде прославена со мала другарска забава во култниот скопски локал „Ла Кања“ во Старата чаршија, а освен Салпе, за доброто расположение ќе се погрижи остатокот од екипата на „PMG Tanz Digital“, Виолета Качакова и Мирко Попов.


