Пливањето е речиси мртво: ДОСТА Е!

Речиси две години од изборното Собрание на Пливачката федерација на Македонија каде јас како претседателски кандидат, целиот внимателно одбран тим и понудена програма за работа не ја добивме довербата од клубовите да ја водиме федерацијата.

Загубивме за само два гласа, но правилата, законите и желбата на мнозинството клубови секогаш мора да се почитуваат па макар и при толку мала разлика.

Дали денес можеше да биде поинаку?
Дали ќе успеевме да создадеме вистинска вредност и нормални односи внатре во федерацијата?
Дали денес пливањето ќе беше на стабилни нозе спремно за нови предизвици?

Ова се прашања кои често си ги поставувам иако одговорот ми е секогаш повеќе од јасен, но ајде тоа на страна сега е време за едно друго прашање:

Што ни се случи во нашето пливање после тоа изборното собрание?

Да почнеме со ред:

Нашиот најдобар маратонец Евгениј Поп Ацев минатата година на ден пред европското првенство во Глазгов се соочи со шок кога виде дека не е пријавен за учество од страна на федерацијата. Следуваше голем медиумски скандал и потсмев со пливањето во Македонија.

Се одржа зимско државно првенство со тешки караници и без клупска припадност. Квалитетот на нашето пливање продолжи да опаѓа, а хаосот да царува.

Агенцијата за спорт и млади на Македонија запиша 0 средства што може да ги добие пливањето од системот на ваучери и помош на спортски федерации и клубови бидејќи Пливачката федерација скандалозно пријавила само два клуба да може да бидат корисници на ваучерите!?

Се одржа редовно собрание на пливачката федерација каде на голем дел делегати на клубови не им се дозволи слободно да говорат на Собранието за тековните проблеми. Лично јас бев еден од нив. Другиот дел делегати заведени и понесени од нивни цели со механичко гласање и дигање раце без дебата и без можност да се размисли рационално што се гласа носеа некакви смешни одлуки. Во нив беше можноста следните скандали да не се случат, но тие имаа други цели. Истото собрание не беше евидентирано и испадна законски дека не се ни одржало. Подоцна разбравме дека го направиле само како фарса и ништо повеќе!?

Следуваше според мене најголемиот скандал што досега се има случено во нашето пливање. Нашата најталентирана пливачка Миа Блажевска Еминова а според многумина вклучувајќи ме и мене можеби убедливо најдобра на сите времиња што сме ја имале на таа возраст успеа од пионерска до сениорска конкуренција да биде веќе долг период најдобра наша пливачка и која со испливани феноменални 680 фина бодови успеа да исполни норми и да ја претставува Македонија на Комен Куп во Бургас, Европско младинско првенство во Казан и Светско младинско првенство во Будимпешта.
Следуваше тежок скандал уште на првиот нејзин настап на Комен Куп. После испливан прв дел каде за малку ни избега медал за Македонија ( го освои одличното 4.место ) пливачката и нејзиниот тренер беа отстранети од првенството, нашето знаме беше повлечено и нашата Миа срамно беше тргната од дефилето на натпреварот со објаснување од организаторот дека нашата федерација ја суспендира и исклучува од натпреварот!? Огромен шок и разочарување за нашата најталентирана пливачка, нејзиниот тренер а и за сите нас кои сме дел од пливањето. Голем срам за целото наше пливање – скандал во нашата Македонија.

Следуваше европското младинско првенство во Казан каде Миа требаше да настапи но поради неорганизираност, слаба финансиска состојба и лоша комуникација нашата пливачка не замина на овој шампионат! Разочарувањето за Миа и целото македонско пливање се зголеми, но и срамот за Македонија енормно порасна!

Искрено се надевам дека Миа ќе настапи на Светското младинско првенство во Будимпешта достојно и гордо без да и се приредат дополнителни скандали и срамови бидејќи Македонија заслужува да биде претставена од пливачка како што е Миа.

Во меѓувреме оваа година останавме без системот за електронско мерење на време кој на чуден начин заврши во Србија!? На сите натпревари кои ги организираме во Македонија меѓу кои и државните првенства сега веќе мора да изнајмуваме систем од странство за да може да организираме натпревар барем на основно ниво. Ветуваните уреди за електронско мерење од Грција и Турција останаа неостварена бајка пласирана од федерацијата.

Дојде на ред и светското првенство кое се одржува овие денови во Јужна Кореја и нормално повторно имаме скандал од епски размери.

Нашиот најдобар пливач -учесник на две олимпијади и знаменосец на една од нив – Марко Блажевски од неразбирливи, скандалозни и трагични причини е исклучен од тимот и не учествува на ова светско првенство!!

Трагедијата да биде уште поголема нашиот национален тим составен од 5 пливачи отиде на ова светското првенство поделен и раздвоен каде за дел од пливачите имаше обезбедено припреми и повеќе денови престој пред трките на овој шампионат а за другиот дел на пливачи препуштени сами на себе тргнаа непосредно пред самиот почеток на шампионатот.
Вака не би требало да изгледа било кој тим а најмалку РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА!
Треба ли нешто резултатски да очекуваме од нашиот тим после сите овие работи?

Дополнително на ова нашиот пливач Евгениј Поп Ацев го загуби правото на стипендија од Македонскиот олимписки комитет на барање на нашата федерација, а со истиот тој олимписки комитет имаме континуран проблем со непризнавање на постигнатите големи резултати на Марко Блажевски. Федерацијата и Олимпискиот комитет се на иста страна во овој проблем – и едните и другите упорно се против нашите двајца пливачи.

Евгениј денес настапи на светското првенство и го освои 13. место на трката од 25к и тоа во услови кога е оставен буквално сам на себе ( нема тренер со него, а ниту лице од федерација да му помогне логистички со давање течности за време на трката ) Благодарност до тимовите на Шведска и Португалија кои му помогнале за време на трката. Какво ли е чувството да си оставен сам на себе на светско првенство и други тимови да те жалат и помагаат? Прашајте го Евгениј зошто ова го доживеа, иако сигурно неговата скромност ќе ви каже дека е доволно што овој пат барем беше пријавен за учество за разлика од лани кога се шокираше на ден пред европско и не настапи на истото.

Марко ќе продолжи да плива и да се обиде да учествува на следната олимпијада, Евгениј ќе продолжи да не радува од трка во трка, пред Миа е сериозна пливачка кариера со која сите ќе бидеме горди, електроника за мерење ќе набавиме, но времето што го потрошивме нема да може да го вратиме.

На последното државно првенство одржано на Олимписки базен се уверивме дека квалитетно уште повеќе сме паднале овие две години и освен мал дел пливачи кои се бројат на една рака останатите наши пливачи се млади пионерчиња. Состојбата не само што е сериозно алармантна туку веќе под знак прашање е целото наше врвно пливање.

Пливањето во Македонија е речиси мртво и потребно е комплетно рестартирање.

После се ова ДОСТА Е!
Доста е од скандали!
Доста е од разочарувања!
Доста е од себичност на сите вие што на моменти заради некои ваши себични цели се ова на некој начин го подржувате!
ДОСТА Е!

(Фејсбук статус на авторот)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот