Плач, тага и болка денеска во Русиново – погребана младата Верица Белчовска, донор и спасител на три животи

На гробиштата во беровското село Русиново денеска беше погребана 20-годишната Верица Белчовска, која загина во сообраќајна несреќа во Струмица, но благодарение на семејството кое донесе клучна одлука во најтешките моменти, спасени се три човечки животи.

Срцето на Верица ќе продолжи да бие во градите на 22-годишниот Иле Стрезовски кој успешно беше опериран вчера, а бубрезите од Верче успешно се пресадени во телата на 28-годишниот кавадарчанец Блаже Сапунџиев и 40-годишен пациент со бубрежна слабост.

Благодарение на одлуката на семејството Белчовски ќе бидат спасени уште човечки животи со оглед на тоа што од Верче се експлантирани и коски и меки ткива и ќе им бидат донирани на пациенти оштетени од канцерогени болести.

Болка, плач и тага денеска одекнуваше низ Русиново, додека семејството, роднините и пријателите се простуваат од Верица – еден прерано згаснат живот, кобно завршена животна приказна, која предупредува и опоменува дека еден трагичен крај може да значи и нова надеж, верба и поттик сите да бидеме подобри луѓе.

Хуманоста, храброста и доблеста која ја покажа семејството Белчовски согласувајќи нивната Верче да остане запаметена како спасител на човечки животи ќе остане да потсетува дека сите луѓе соочени со загуба треба да размислуваат пошироко од повисоко од сопствената тага и болка.

Радоста и задоволството што во овие најтешки моменти влезе во три домови на наши сограѓани ќе ја ублажи тагата на семејството Белчовски и ќе им донесе утеха и надеж во тешкиот период без Верче во нивниот живот.

На нејзиното испраќање денеска присуствуваше и делегација од општината со градоначалникот Звонко Пекевски. Тие најавија итна седница на Советот на која ќе се побара финансиска поддршка за семејството Белчовски и колку што е во нивна моќ да му се помогне и поинаку на ова семејство.

Младата Верица поради бесперспективноста во нејзиното родно место, беше принудена со мајката и сестрата да заминат на работа во Струмица во потрага по егзистенција. Во овој град, на пешачки премин, под тркалата на несовесен возач, трагично заврши нејзиниот живот.

Бубрезите од донорот на срцето ќе се трансплантираат денеска, коските во наредните денови

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот