Писонеро со порака: Македонија да ги забрза уставните измени

Ана Писонеро/Фото: МИА

Процесот на проширување на Европската Унија е заснован на заслуги, бара вложувања и посветеност на суштински реформи, вели портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро.

Во изјава за МИА таа го повторува ставот на Брисел дека во услови кога постои моментум за проширување на Унијата, Европската комисија ги охрабрува сите страни во Северна Македонија да работат заедно за да ја придвижат земјата на нејзиниот пат за пристапување во Унијата.

– Заклучоците на Европскиот совет се јасни. Европската Унија е подготвена да ја заврши фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија веднаш штом земјата ќе ја спроведе својата заложба за завршување на уставните измени, како што е наведено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година, во согласност со нејзините внатрешни процедури. Европскиот совет ја повикува Северна Македонија да го забрза нивното спроведување, изјавила Писонеро, одговарајќи на прашањето дали се можни други решенија, како на пример измена на Преговарачката рамка, доколку не се обезбеди мнозинство за усвојување на уставните измени.

Таа уште додава дека во рамки на пакетот за проширување, на 8 ноември Европската Комисија го претставил и својот предлог за нов План за раст на Западен Балкан.

– Целта (на Планот) е да донесе некои од придобивките од членството во ЕУ во регионот уште пред зачленувањето, да ја зајакне економската интеграција на единствениот пазар на ЕУ, да ја зајакне економската интеграција со Западниот Балкан преку заеднички регионален пазар, да ги забрза фундаменталните реформи и да ја зголеми финансиската помош за поддршка на реформите со средства за реформи и раст за Западниот Балкан, вели Писонеро.

Инаку, регулативата за воспоставување на Фонд за реформи и раст моментно се разгледува од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, кои треба да ја договорат заедничката позиција.

Според неа, напредува и процесот во соработка со шесте партнери на ЕУ од Западниот Балкан за изготвување на реформските агенди предвидени со Планот за раст и Механизмот.
Во врска со поддршката на европските граѓани на процесот на проширување, Писонеро вели дека Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) во својот неодамнешен извештај посочува оти според најновиот Евробарометар од јуни 2023 година, 53 отсто од граѓаните на ЕУ во принцип го поддржуваат проширувањето, додека 37 отсто се против него, но иако, според ЕЦФР, бројките во корист на проширувањето можеби не се големи, тие сепак сигнализираат пресвртница на долгогодишниот тренд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот