„Пијано трио“ премиерно ќе изведе дела од македонски композитори

Во рамките на манифестацијата „Есенски музички свечености“ на Дирекцијата за култура и уметност – Скопје на 17 ноември, во 20 часот, во Културно-информативен центар – Скопје концерт ќе одржи составот „Пијано трио“.

Во програмата на концертот се премиерните изведби на дела од двајца македонски композитори. Станува збор за „Prelude & Toccata“ (2022) од Ф. Иванов и „At The Moment“ (2022) од В. Николовски-Ѓумар. На програмата се и дела од М. Глинка и Ф. Пуланк.

„Пијано трио“ (обоа, фагот и пијано) е составено од тројца етаблирани музичари: Татијана Петрушевска Караскаковска, прва обоа во оркестарот на НОБ, Марјан Милошевски, прв фагот во оркестарот на НОБ и професор по фагот на ФМУ, и Петар Макариевски, пијанист и професор – корепетитор на ФМУ.

Триото ги здружи своите сили во 2014 година. Сите се остварени и потврдени уметници со своите инструменти, а поттикнати од желбата за истражување на нови композиции и зголемување на својот репертоар, формираа ансамбл сметајќи дека постоењето на камерни ансамбли од секаков вид е потребно и полезно за музичарите од аспект на соработка, зголемување на репертоарот, изведување на дела кои не се само за соло инструмент, туку се во соработка и со други инструменти.

– Во овој ансамбл имаме обоа и фагот во соработка со пијано, а тоа ни овозможува широк спектар на репертоар, на кој има композиции од различни епохи и форми кои бараат виртуозност во изведбата и се предизвик за изведување – истакнуваат од „Пијано трио“.

Дела од Х. Брод, Т. Лалие, К. Фридеман, В.А. Моцарт, Ф. Пуланк, Г.Ф. Хендл, А. Вивалди, А. Рајхенауер, Л.В. Бетовен, М. Глинка, се дел од композиторите кои се на репертоарот на Триото и кој постојано се збогатува со нови композиции.

Првиот свој настап Триото го имало на концертот и промоцијата на ЦД во чест на флејтистот Илија Зимбо, а следувале концерти во Демир Капија, Куманово, Виница, Скопјe, Kрушево, Прилеп, Гевгелија, Берово, Делчево, Кочани. На својата програма секогаш имаат дела кои се изведуваат премиерно во Македонија, а кои дела и самата изведба на Триото, секогаш наидуваат на одушевување кај публиката.

Годинава (2022), македонските композитори Вања Николовски-Ѓумар и Филип Иванов напишаа дела специјално за пијано за „Пијано трио“, кои својата светска премиера ја имаа на Фестивал на камерна музика во Нови Сад –Европски град на култура за 2022 година. Она што го карактеризира Триото како состав се истенчен и моќен звук, интерактивост, прецизност во изведбата и виртуозност на музичарите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот