Пијанистката Андријана Арлен објави спот за својот нов музички проект
Новиот музички проект на пијанистката Андријана Арлен е емотивниот аранжман на филмската композиција „Анфејтфул“ (Unfaithful), реализиран во соработка со виолончелистот SCello.
Препорачано
Проектот е проследен и со видеоспот снимен во Велешкиот театар, а претставува најава за претстојната мини турнеја, што ќе се реализира оваа есен во Македонија и Европа.
– Навистина сум среќна што конечно ја остварив мојата желба и направив емотивен, душевен кавер-аранжман на една од моите омилени филмски музики – „Unfaithful“. За мене, природно и неизоставно беше во оваа верзија да биде присутен звукот на виолончелото, а со тоа и фантастичната изведба на мојот пријател и колега Столе, кој настапува под уметничкото име SCello.
Како и секогаш, создавачкиот процес и снимањата ни се одвиваат прилично брзо, затоа што сме на иста фреквенција. Точно знам до кое ниво можеме да ја донесеме изведбата и како да ја пренесеме емоцијата. Ова не е наша прва соработка, а секако нема да биде ни последна.
Во тек е и подготовката на следната композиција – мојата авторска песна „Тајм фор гудбај“ (Time for Goodbye), за која повторно направив верзија за пијано и виолончело.
Многу сум среќна што успеавме да снимиме и видеоспотови за двете композиции. Едниот излезе на 7 мај, а другиот е во подготовка и се надеваме дека за околу еден месец публиката ќе може да ужива не само во убава музика, туку и во визуелна изведба.
Овие два спота и овие две композиции, всушност, се најава за мојот следен голем проект, кој го планирам за есен – мини турнеја, најпрво во Македонија, мојата родна земја, а потоа и пошироко низ Европа.
Многу повеќе за турнејата ќе презентираме за околу еден месец. Во моментов, мојот тим и мојот менаџер Александар Стојковски од Продукција „Инфера студио“ (Infera Studio Production) засилено работат на осмислување на секој детал. Се надевам дека публиката ќе добие незаборавно искуство поврзано со клавирската и филмската музика – изјави Андријана Арлен.


