Петер Маѓар / Фото: EPA/Tibor Illyes HUNGARY OUT

Петер Маѓар даде заклетва како премиер на Унгарија — по 12 години на парламентот повторно се вее знамето на ЕУ

Петер Маѓар официјално стапи на функцијата премиер на Унгарија, со што заврши 16-годишното владеење на Виктор Орбан. На свечената церемонија денеска во парламентот во Будимпешта, за првпат по 12 години беше истакнато знамето на Европската Унија. Синото знаме со златни ѕвезди беше вратено по одлука на новиот спикер на Собранието, со што се поништи претходната одлука од ерата на Орбан за негово отстранување.

Унгарија, знаме на ЕУ / Фото: EPA/Zsolt Czegledi HUNGARY OUT

Новата претседателка на унгарскиот парламент, Агнес Форстхофер, денес го објави враќањето на европското знаме во зградата во Будимпешта, по дванаесет години отсуство.

„Наредувам од денес, по дванаесет години, знамето на Европската Унија повторно да се вее над зградата на унгарскиот парламент“, рече Форстхофер, која беше избрана на конститутивната седница на парламентот со 193 од 199 гласа, посочувајќи дека оваа „прва одлука“ во нејзината нова улога треба да претставува „прв симболичен чекор“ кон враќањето на централноевропската земја во Европа.

Новиот премиер најави дека негов главен приоритет ќе биде обновување на односите со Брисел. Целта е да се обезбедат околу 10 милијарди евра од европските фондови, кои беа замрзнати поради претходните проблеми со владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Маѓар минатата недела во Брисел оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со цел да се забрзаат реформите пред крајниот рок во август, по кој државата ризикува трајно губење на овие средства.

Партијата Тиса, која Маѓар ја формираше во 2020 година по напуштањето на владејачката Фидес, на изборите во април освои 141 од вкупно 200 пратенички места. Со ова двотретинско мнозинство, новата администрација има моќ да спроведе и уставни измени.

Виктор Орбан и неговите најблиски соработници потврдија дека нема да ги преземат пратеничките мандати во новиот состав на парламентот. Орбан во видеообраќање рече дека е невин во однос на какви било обвинувања за неговото работење и дека е подготвен да одговори на евентуални истраги.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, упати честитки до Маѓар и изрази подготвеност за соработка со новата влада во ова ново поглавје за Унгарија.

Заминувањето на Орбан, кој често користеше вето за блокирање на помошта за Украина и санкциите против Русија, доаѓа во време кога неговиот сојузник, словачкиот премиер Роберт Фицо, ја засилува поддршката за Кремљ. Фицо беше единствениот лидер од земја членка на ЕУ кој во саботата отпатува во Москва на прославата на Денот на победата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот