Расправија меѓу љубовен пар / Фото: Profimedia

Пет „црвени знамиња“ на почетокот од врската што не треба да ги игнорирате

Во светот на љубовните врски често се зборува за таканаречените „зелени знаменца“ – знаци дека некоја личност е зрела, стабилна и вредна за вашето време. Но, психолозите предупредуваат дека е подеднакво важно навреме да се препознаат и суптилните предупредувачки сигнали, односно „црвените знамиња“ кои на почетокот лесно се игнорираат, а подоцна стануваат сериозен проблем.

Психолгот Сабрина Романоф објаснува дека токму во раната фаза од врската често се крие вистинската слика за некого, пишува „Живим“.

„Речиси секој може да изгледа како идеален партнер во првите неколку недели. Но, доследноста, одговорноста и вистинскиот интерес не можат долго да се глумат ако не се искрени“, вели таа.

Еве кои пет сигнали, според експертите, најчесто покажуваат дека не сте нечиј приоритет.

1. Денес премногу внимание, утре целосно исчезнување

На почетокот од врската природно е да очекувате интерес, пораки и внимание. Но, ако некој еден ден е премногу заинтересиран, а веќе следниот исчезне без објаснување, тоа не е „мистериозност“, туку недоследност.

Романоф смета дека изговорот „многу сум зафатен/а“ често е само оправдување.

„Луѓето секогаш наоѓаат време за она што им е важно“, објаснува таа.

2. Сите поранешни партнери им се виновни

Начинот на кој некој зборува за поранешните врски може да открие многу. Ако сите бивши партнери се „луди“, „токсични“ или „проблематични“, а таа личност никогаш не признава сопствена вина, тоа е сериозен знак за претпазливост.

Емоционално зрелите луѓе умеат да ја препознаат и сопствената одговорност во односите.

3. Преголеми ветувања уште на самиот почеток

Ако некој по само неколку средби веќе зборува за заеднички патувања, идни планови или ве замислува како дел од секојдневниот живот, тоа може да звучи романтично, но психолозите предупредуваат дека понекогаш станува збор за таканаречен „future faking“. Тоа е создавање илузија за блискост и сериозност пред врската навистина да се развие.

„Луѓето што се емоционално стабилни не мора да даваат големи ветувања за да покажат интерес – нивните намери се гледаат преку постапките“, велат експертите.

4. Навреди маскирани како „искреност“

Коментари што ве омаловажуваат, шеги на ваша сметка или игнорирање на вашите граници никогаш не се безопасни, дури и кога некој ги оправдува со „искреност“.

Особено загрижувачки е кога, по вашата реакција, ќе добиете одговори како „преосетлив/а си“ или „само ја кажувам вистината“.

Според психолозите, љубезноста и емпатијата се основа на секој здрав однос.

5. Постојано чувство дека мора да се докажувате

Можеби најтивкиот, но и најважен сигнал е чувството дека постојано мора да се трудите за да задржите нечие внимание.

Тоа може да се забележи преку недоволна заинтересираност во разговорите, ретка комуникација или постојана неизвесност.

Експертите предупредуваат дека здравата врска не треба да биде место каде што се борите за внимание, туку простор во кој се чувствувате сигурно, прифатено и опуштено.

„Кога врската е навистина здрава, нема постојано да ја анализирате. Едноставно ќе го знаете тоа“, заклучува Романоф.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот